Заврши меѓународната средба за Сирија во Виена

Заврши меѓународната средба за Сирија во Виена
Заврши меѓународната средба за Сирија во Виена

Меѓународната средба за Сирија во Виена заврши, а изјави дадоа американскиот државен секретар Џон Кери, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер и специјалниот претставник на ОН Стафан де Мистура, пишува МИА.

Кери посочи дека на средбата е забележан напредок во постигнувањето на мир во Сирија. Тој додаде дека без политичко решение војната нема да заврши ниту за сирискиот претседател Башар ал Асад ниту за Сиријците.

Американскиот државен секретар наведе дека Мистура ќе се обиде да издејствува договор меѓу непријателските сириски фракции за размена на заробеници.

– САД чекаат Башар ал Асад да ги исполни преземените обврски пред Русија и сериозно да учествува во преговорите во Женева, во преговорите за политичка транзиција и да покаже дека е подготвен за уставни реформи и спороведување на избори, наведе Кери.

И Лавров посочи дека е постигнат напредок во важни сфери, како што е прекин на борбите, хуманитарната помош и политичкиот процес.

– Но, напредокот засега е само на хартија и тој треба да се спроведе во пракса, при што Курдите не треба да бидат исклучени од процесот, истакна Лавров, додавајќи и дека Асад „не ги занемарува“ советите на меѓународната заедница и оти тој „ги знае и ги памти“ ветувањата за исполнување на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединети нации.

Германскиот министер за надворешни работи истакна дека на средбата во Виена САД и Русија изразиле подготвеност да соработуваат на техничко ниво за да ги откријат прекршителите на примирјето. Штајнмајер додаде и дека е договорено да се подобри хуманитарната ситуација во Сирија со нови достави од воздух, а посредникот на ОН да ги обнови директните преговори меѓу сириските фракции.

Мистура истакна дека во моментот не може да наведе датум за обновување на меѓусириските преговори во Женева.

Претходниот круг на меѓусириски преговори се одржа од 13 до 27 април.