„Прес 24“: Уставниот суд утре ќе ја прифати иницијативата на ДУИ и ќе наложи свикување на Собранието

Уставниот суд се очекува на утрешната седница да ја прифати иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија доставена од партијата ДУИ, дознава Прес 24 од добро упатени извори.

Според информациите кои кружат во експертско – политичките кругови  се очекува Уставниот суд да го прифати основот за повторно свикување на Собранието поради корекција на бројот на гласачи во одредени изборни единици кои отстапуваат за повеќе од 5% во однос на просечната бројка.

Прес 24 пишува дека Уставниот суд е донесен пред ситуација кога ќе мора да испочитува политичка одлука без разлика што идентична инцијатива, поднесе и пратеникот Павле Трајанов, но беше одбиена.
За парадоксот да биде поголем, ДУИ поднесе иницијатива и бара поништување на одлуката за која и самите пратеници на најголемата албанска партија гласаа во Собранието. Токму нивниот министер за правда во неколку наврати останал глув на информациите од ДИК дека има отстапувања во неколку изборни единици.
Одлуката нема по автоматизам да значи поништување на одлуката за распуштање на Собранието, но ќе остави простор пратениците да најдат мнозинство и да го сторат тоа.

Во моментов ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата контролираат 60 пратеници, па одлуката во голем дел нема да зависи од нив, туку од тоа каков договор ќе падне меѓу останатите 63 пратеници.