Уставен суд ги запре сите изборни дејства

Уставниот суд на денешната седница едногласно одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија и донесе времена мерка со која се запираат сите изборни дејства.

Одлуката на Судот ќе биде објавена денеска во Службен весник,  по што и формално стапува во сила.

Судот следната недела треба да донесе конечна мериторна одлука за иницијативата за распуштање на Парламентот.

Иницијативата ја поднесе пратеникот на ДУИ Талат Џафери, за која од Уставниот суд посочуваат дека има целосно нови елементи и оти за овој предмет има нова анализа.

Ако Уставниот суд ја укине или поништи Одлуката за распуштање на парламентот, партиите ќе треба да се договорат дали ќе утврдат веднаш нов термин за избори или изборниот датум ќе остане отворен додека не се процени дека се исполнети неопходните услови за фер и демократски избори.

Извесно е дека следната одлука за распуштање на парламентот ќе мора да биде донесена најрано 60 дена пред одржувањето на изборите, за веднаш да стапи во сила, бидејќи токму одложеното дејство на двете претходни одлуки беше основ за оспорување на нивната уставност и законитост.

Уставните судии во февруари годинава веќе расправаа и ја отфрлија Иницијативата на пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз и на Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес, за одложеното распуштање на Собранието.