Собранието ги прифати оставките на министрите на СДСМ

Собранието денеска ги прифати оставките на техничките минитри на министерствата за внатрешни работи и труд и социјална политика, Оливер Спасовски, односно Фросина Ременски, како и на дополнителните заменици министри на СДСМ, Љупчо Николовски, Александар Кирацовски и Кире Наумов.

Нула проекти и низа скандали го одбележаа работењето на техничките министри и заменици министри на СДСМ.

Додека Оливер Спасовски раководеше со министерството за внатрешни работи се случија низа скандали, се кршеа закони, работеше своеволно и во корист на партијата, а не на државата. Првиот проект му беше расипничко трошење на луксузен мебел за својата канцеларија, си најде луксузен автомобил. Потоа веднаш го спроведе сценариото на Зоран Заев и почна да брка професионалци од работа и на нивно место да вработува партиски кадри. Без да ги почитува законот, а ниту правилникот на МВР, Спасовски си вработуваше неквалификувани лица, а унапредуваше лица и за неколку скалила без да се почитуваат процедурите.

Спасовски си ја исполни партиската должност да ја политизира полицијата по партиска директива.

Од самиот старт кога Оливер Спасовски седна во министерската фотелја, предизвика хаос во МВР со одземање на пренесените овластувања на раководните лица во министерството.

Дозволи насилници да го уништат камен-темелникот за православен крст во Бутел давајќи им наредба на полицајците да се повлечат. Друга наредба даде следниот ден кога граѓаните на Бутел излегоа на улица а беа спречени од полицијата нешто да превземат.

Министерот за внатрешни работи од редовите на СДСМ, Оливер Спасовски, буквално ја измислил аферата за фалсификуваните 70.000 возачки дозволи што ја објави на 14 јануари како негово големо откритие за фалсификување лични документи од страна на владини функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, директно споменувајќи ги поранешната министерка Гордана Јанкулоска и поранешниот премиер Никола Груевски, објавува тогаш ДНЕВНИК.

Ова се само мал дел од скандалите кои ги направи Спасовски за кои редовно ја информиравме јавноста. Проекти и дела-НЕМА.

Дечињата чекаа градинки, самохраните родители социјални станови, корисниците на социјална парична помош и останатите беа во неизвесност и страв само заради самоволието на Фросина Ременски од СДСМ. Додека таа раководеше со Министерството за труд и социјална политика, своеволно кочеше крупни проекти за да одработи партиска агенда.

Не спроведе ниту еден проект, само ги кочеше истите. Ќе ја запомниме како јавен напаѓач и навредувач на новинари, дрзок однос и незаинтересираност за своите обврски.

Во кабинетот без договор за работа држеше партиски кадри на СДСМ, но два месеца Фросина Ременски го кочеше субвенционирањето на вработување на лица во социјален ризик. Таа не ја потпишуваше исплатата на компаниите кои вработиле лице од социјално загрозените категории.

Денес беа прифатени оставките и на дополнителните заменици министри на СДСМ- Љупчо Николовски, Александар Кирацовски и Кире Наумов. Додека ја вршеа функцијата беа само мета на потсмев поради својата некомпетентност. Нивните изјави беа експресно побивани од најрелевантните институции.

Со констатирање на нивните оставки, лицата од СДСМ веќе нема да имаат функции во македонската Влада.