Вишеградската четворка објави план за распоредување на војски во балтичките држави

Вишеградската четворка објави план за распоредување на војски во балтичките држави
Вишеградската четворка објави план за распоредување на војски во балтичките држави

Земјите од Вишеградската група објавија дека работат на план за распоредување на нивни армии во балтичките држави.

Во декларацијата на Вишеградската група (Чешка, Словачка, Унгарија и Полска) од денешната средба на министрите за одбрана во Прага се наведува дека ќе се разгледаат деталите на планот, што ќе биде претставен на самитот на НАТО во јули во Варшава.

Армиите на четирите држави ќе бидат подготвени за ротациско распоредување од 1 јануари 2017 година. Нивната дејност ќе биде насочена кон обука и воените вежби.

– Прелиминарно би се работело за околу 150 војници од секоја држава, а секоја единица од копнени сили би делувала на Балтикот три месеци, информираше чешкиот министер за одбрана Мартин Стропницки.

Како што јави дописникот на МИА од Прага, Литванија, Летонија и Естонија претходно побараа распоредување на сили на НАТО, поради „страв од агресивната политика на Русија”.

Вишеградската четворка исто така изрази поддршка и за зголеменото присуство на НАТО во Полска, Летонија, Литванија и Естонија, кои, според В4, се под закана од Русија.

Министрите за одбрана од Вишеградската група разговарале и за процесот за создавање на сили за брза реакција на Европска унија, а ја потврдиле и намерата за подготвување на уште една борбена група на ЕУ од земјите на В4 за првата половина од 2019 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.