Туск упати апел за глобална солидарност кон бегалската криза

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск денеска изјави дека би сакал светската заедница да пројави солидарност кон бегалската криза и да ја признае за глобален проблем, пренесуваат британските медиуми.

Туск, кој во Јапонија присуствува на самитот на Г-7, изјави дека од првите луѓе на седумтте индустриски најразвиени земји ќе побара поддршка и ветување за зголемување на глобалната помош, за да се пресретнат итните и долгорочните потреби на бегалците.

– Знаеме дека поради географијата, поголемиот дел од обврските по однос на бегалската криза се преземаат и ќе се преземаат од Европа. Ако ние, Г-7, не застанеме на чело на напорите за управување со оваа криза, никој тоа нема да го стори, додаде претседателот на Европскиот совет, пренесува МИА.

Туск изјавата ја даде пред денешниот почеток на самитот на лидерите од Г-7, во кој влегуваат Германија, Велика Британија, Италија, Канада, САД, Франција и Јапонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.