Објавен тендер за изградба на втората фаза на пругата кон Бугарија

Објавен тендер за изградба на втората фаза на пругата кон Бугарија
Објавен е тендерот за изградба на втората фаза на пругата кон Бугарија. Се работи за инвестиција од 140 милиони евра, информираше денес министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

-Ние започнавме со градежни активности во првата фаза. Се работи за инвестиција од 140 милиони евра тоа е од Куманово до Бељаковце. Сега ја објавивме втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка, а во тек сме и со проектирање на третата фаза. Ова значи една голема и важна работа за нашата држава бидејќи претходно само ветуваа кога ќе се изгради пругата, ние  конкретно, со дела на терен покажуваме дека се работи, рече Мисајловски.

Министерот очекува до крајот на ова лето ќе се избере компанија или компании што ќе ги задоволуваат потребните тендерски постапки и потоа ќе следува втората фаза односно избор на компанија. До крајот на годинава, вели Мисајловски, комплетно ќе се заврши оваа процедура и избраната компанија ќе може да ја започне втората фаза.

-Максимално вложуваме во инфраструктурата и во патната и во железничката инфраструктура. Како Влада сме посветени во реализација на сите оние проекти кои ги имаме ветено. Не само да ветуваме како минатите Влади особено СДСМ само ветуваше, а ништо не изгради. Ние конкретно, со години по рокови кажуваме што ќе се направи. На мое и општо задоволство информирам дека следната година започнуваме со градежни активности, тоа значи нови 140 милиони евра ќе се инвестираат во железницата. Како што знаете веќе имаме рехабилитација на постојните железнички станици на Коридорот 10 кои се во завршна фаза, рече министерот.

Мисајловски потсети дека пристигнаа новите патнички, а уште два се во завршна фаза и ќе пристигнат овие месеци.

-Пристигнуваат и последните два воза што ги набавивме од вкупно 6. Во следните месеци сите ќе стигнат и ќе ги пуштиме во промет. Од друга страна, распишавме тендер за 7 милиони евра за нови електрични локомотви кои очекувам следната година да бидат произведени и стигнати во Македонија, рече Мисајловски.

Сликата во железницата постојано се подобрува со низа проекти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.