Бугарски компании заинтересирани да инвестираат во Македонија

Бугарски компании заинтересирани да инвестираат во Македонија
Бугарски компании заинтересирани да инвестираат во Македонија

Вкупно 38 бугарски компании се заинтересирани за сериозни инвестиции во Македонија, а не е мал бројот и на македонските фирми кои се веќе етаблирани во Бугарија и кои оттаму успешно настапуваат и освојуваат трети пазари, беше речено на денешното четврто годишно собрание на Македонско-бугарската стопанска комора, објави МИА.

Како што истакна нејзиниот претседател Зоре Темелковски, токму излегувањето на трети пазари, но преку креирање заеднички производ и здружување на капиталот, останува еден од клучните приоритети на Комората.

Комората, додаде, ќе продолжи и со интензивните разговори со политичките субјекти во насока на креирање уште подобри решенија, зашто бизнисот никогаш не треба да биде задоволен од ситуацијата и секогаш треба да нуди прогресивни идеи.

– Ќе продолжиме со поконкретни средби со политичките авторитети за да ги минимизираме бариерите. Ќе бидеме уште покритички настроени зашто сметаме дека стопанствениците не можат никогаш да бидат задоволни од одлуките на владите и секогаш треба да имаат поголема цел од онаа на обичниот граѓанин. Сакаме да покажеме дека кога се има знаење и желба нешто да се постигне, тоа не е неостварливо, напомена Темелковски.

Според него, и натаму определба на Комората е пазарите во Македонија и Бугарија да ги обединува, а капиталот да го имплементира во ноу-хау.

– Комората се движи на патот на претприемништвото. Никако не го менува курсот, да оди кон менаџерството, иако има големи компании – членки, посочи Темелковски.

Македонско-бугарската стопанска комора е формирана во 2011 година со доминантен приватен капитал, на иницијатива на бизнис заедниците од двете земји. Идејата е да ги подобрува и стимулира заемните економски, културни и општествени иницијативи и промени. Мото на Комората е „Бизнис без граници“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.