Почнува 15. Оффест, седум концерти на фестивалската програма

Со соло-концертот на чешката пејачка и виолинистка Ива Битова, која живее и работи во САД и има богата меѓународна кариера, вечер во кино „Фросина“ ќе почне 15. Оффест. До 30 мај на фестивалот ќе бидат изведени уште шест концерти.

Неодоливата привлечност, оригиналниот вокал и наклонетоста кон израз што се наоѓа на границата помеѓу авангардата и детските мелодии, на Ива Битова и донесоа посветени фанови од целиот свет.

– Низ годините таа е активна во повеќе музички жанрови – од џез, преку идиосинкретичен фолк и рок до современа класика, импровизација и опера. Гласот е само еден од квалитетите што ги поседува Битова: во својата изведба таа се движи помеѓу говор и пеење, во простор каде што звуците добиваат интуитивни боења што го поместуваат значењето нагоре-нaдолу на траекторијата на радоста и тагата… Нејзиното дело и стил се уште и се противат на каква било прецизна и жанровска дефиниција, наведува Оффест во најавата за концертот на чешката музичарка.

Во вториот концертен термин, од 22.30, во Метрополис арена вечер ќе гостува францускиот бенд Сен Жермен (St Germain) алијас Лудовик Навар. На сцената се враќа по 15 години од објавата на албумот „Tourist“ кој го прослави во светот. Настапот е во склоп на турнеите на Сен Жермен.

Во изминатите 15 години џез-хаус хит-мејкерот се посветил на истражување на музиката на Западна Африка, барајќи ја врската помеѓу африканската традиционална музика и блузот, особено во творештвото на гитарската легенда Али Фарка Туре од Мали. Резултат на тоа истражување е истоимениот албум од 2015 година, кој е снимен со учество на некои од најдобрите африкански музичари и пејачи од Мали и од Сенегал. Албумот ги комбинира традиционалните инструменти кора, балафон и нгони со електрични гитари, клавијатури, саксофони и електронски семплови.

– Пионерот на french touch и творецот на интелигентна, сензуална и оригинална дип-хаус, џез и лаунџ-музика е познат по својата извонредна способност на суптилен начин да ги комбинира акустичните инструменти со електрониката, автентичните музички корени со модерните влијанија, стои во најавата за вториот гостин на првата вечер од програмата на 15. Оффест.

Во наредните три дена Оффест ќе се одржува во Дансинг салата на Младинскиот културен центар. Утревечер првин ќе настапи Саул Вилијамс од Лос Анџелес, поет, рапер и хип-хоп изведувач, кој во Европа доаѓа специјално за два концерта – во Скопје и во Љубљана.

По него ќе гостува бендот Батида на диџејот Педро Кокенао од Ангола кој живее во Португалија и има интернационална репутација. Ќе настапи со специјален перформанс во кој ги користи старите ритми и песни од Ангола измиксани во видеопроекција.

Во недела повторно африкански состав – „Пет Томас и Квашибу ареа бенд“ од Гана. Пет Томас е најпознатиот претставник на т.н. хајлајф музика, која во 1960-тите и 1970-тите била носечки музички стил во Африка. Пред неговиот концерт ќе биде прикажан и документарниот филм „Who Is Highlife?“ за музичката сцена во Гана.

На последната фестивалска вечер во понеделник ќе настапи познатата бразилска пејачка и гитаристка Бади Асад, а годинашниот Оффест ќе го затвори италијанскиот бенд „Канцониере Греканико Салентино“ кој ги следи традициите на т.н. таранта од јужна Италија.

Покрај концертите, во сите фестивалски денови во галеријата на Младинскиот културен центар ќе има мултимедијална изложба за сите гостувања во изминатите 14 изданија на Оффест.

– Годинашната програма ја сметаме за прилично ексклузивна и адекватна за 15-те години јубилеј. И натаму го зачувуваме концептот Оффест да биде нешто друго од Скопскиот џез-фестивал и да донесува музика од целиот свет, која во процесот на глобализација е многу важна. Во тој процес, во последните 20-30 години целиот свет, особено Европа и САД, открија прекрасна музика која доаѓа од сите континенти, рече на прес-конференција Оливер Белопета, директор на Скопски џез-фестивал

Посочи дека Оффест има, пред се, едукативен карактер и дека кога се прави програмата воопшто не се поаѓа од тоа што е популарно и што се продава. – Ние го прикажуваме секоја година она што е најдоброто од светот, без да мислиме дали таа музика овде е позната или не е позната, истакна Белопета.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.