Туристи од Бенелукс и наредните три години ќе летуваат во Охрид

Туристи од Бенелукс и наредните три години ќе летуваат во Охрид
Туристи од Бенелукс и наредните три години ќе летуваат во Охрид

Хотелите на Охридско-струшката ривиера што нудат аранжмани за летување во Охрид и Македонија потпишаа нови тригодишни договори со холандскиот тур-оператор „Корендон“. Тоа значи дека туристите од земјите на Бенелукс и наредните три сезони организирано ќе летуваат на Охридското Езеро, преку аранжманите што се дел од големата понуда на „Корендон“, објави МИА.

Како што појасни Асим Меџедовиќ, менаџерот на агенцијата „Фибула Ер Травел“ која е македонскиот партнер на „Корендон“, со договорот за закуп на сместувачки капацитети се опфатени девет хотели и тоа „Метропол“, „Турист“, „Силекс“, „Десарет“, „Дипломат“, „Дрим“, „Београд“, „Изгрев“ и „Макпетрол“.

– Во овие специфични околности во кои се наоѓа државата, потпишаните договори навистина имаат огромно значење бидејќи во наредниот период во Охрид и Струга се очекува да летуваат 25 илјади туристи од Холандија и Бенелукс, рече Меџедовиќ.

Во организација на „Корендон“, Агенцијата на хотелиерите од Македонија (ХОТАМ) и Македонската амбасада во Холандија, деновиве во Амстердам беше организирана „Македонска вечер“, на која беа презентирани македонските туристички капацитети, специјалитети на македонската кујна, дегустација на македонското вино, како и претставување на дел од македонскиот фолклор.

– Тој настан имаше за цел дополнително да ја претстави Македонија како атрактивна балканска и европска туристичка дестинација пред потенцијалните партнери во Холандија, рече Меџедовиќ.

Соработката на „Корендон“ и македонските ленд-партнери изминатите пет години резултираше со остварени над 150 илјади аранжмани за летување на туристи од државите на Бенелукс во Македонија.