Летување со деца: Кои лекови треба да ги понесете?

Колку детето е помало, летувањето треба повнимателно да се испланира. Изберете проверена туристичка агенција, распрашајте се за минатогодишните искуства од роднините и пријателите со мали деца. Проверете ги податоците за начинот на патување, условите за сместување, близината на плажата и достапност на лекар. Добро е да уплатите здравствено осигурување да не бидете непријатно изненадени со цената на здравствените услуги во летувалиштето.

Подобро е на првото летување да тргнете на почеток или на крај на сезона, зашто ќе ги избегнете метежот, вревата и високите летни температури. Бирајте помирни локации на планина, езеро или море, на бебето и вам ви е потребен одмор од забрзаното секојдневие. Ќе има време подоцна заедно да уживате во популарните егзотични локации. Годишниот одмор е можност за уживање во чистиот воздух, сонцето, водата и здравата храна, како и за повеќе движење и физичка активност за целото семејство.

ПАТНА АПТЕКА: Кога на пат тргнувате со деца, понесете лекови против болки и зголемена температура, пробиотик, кесички раствор за рехидратација во случај на повраќање и пролив, сируп за смирување на алергиски реакции во случај на каснување од инсект или медуза. Топломер, инхалатор (доколку повремено го користи), завој, стерилна газа, алкохол, јод – спакувајте го сето она што го користите и дома при полесни болести и повреди. Детето на летување не е во поголем ризик да се разболи, ако тоа, сепак, се случи ќе бидете подготвени да му дадете прва помош и нега. Планирањето на летување во семејства со мали деца бара повеќе време и внимателно пакување, а детето секоја година ќе биде сè поискусно и поподготвено за уживање во морските волшепства.

ИСХРАНА: На летување се приспособува на условите на сместувањето и на возраста на детето. Не треба да ги менувате навиките во исхраната на детето. Распоредот на оброците, количината и видовите намирници не е добро да се менуваат. Доколку сами ги подготвувате оброците купувајте свежи намирници, добро мијте го овошјето и зеленчукот и секогаш имајте го на ум лесното расипување на храната на високите летни температури.

За време на ручекот секако ќе го избегнувате најтоплиот дел од денот, искористете го ова време да подготвите супи, чорби, варива од месо и зеленчук, со свежа салата – ете вистински, здрав, летен оброк кој целото семејство ќе го закрепне пред повторното одење на плажа. Доколку немате можност на бебето да му подготвите свежи оброци, а хотелското мени не одговара на неговата возраст, нема да штети ни исхрана со готови кашички од проверен производител.летуванје

На плажа не треба да носите млеко, млечни производи, креми и колачи. Труењето со храна често ќе го расипе долгоочекуваното летување. За ужинка понесете измиено овошје, суви кекси, солени стапчиња. Доколку мајката дои, храната ќе биде секогаш достапна и безбедна; доколку детето се храни со адаптирана млечна формула, можете да понесете стерилизирано шише со превриена вода и пред хранење во неа додадете млеко во прав според упатството. Никогаш не ја подготвувајте млечната формула однапред.

За постари деца редовното давање вода (најсигурно од шише) или разблажен овошен сок е поважно од храната. Сладолед, пица или крофни на плажа се можен извор на опасни цревни бактерии. Ако попуштите пред лицето кое милно ве гледа, можно е дел од летувањето да го поминете во локалната болница.

 

Глобалното затоплување и озонската дупка ја избркаа од мода привлечната исончаност како задолжителен сувенир од летувањето. Темниот тен не е посебно важен за детето.

За климатско опоравување е многу поважен престој на морски воздух, бањање и нуркање во чиста солена вода и топлината на раното утринско сонце.лето

Доколку детето, сепак, поцрвенело од сонцето, истуширајте го со млака вода, дајте му вода или чај и намачкајте го со дебел слој хранлив крем препорачан за возраста. Следните неколку дена нека не излегува од ладовина, а во вода можете да го пуштите во бела, тенка маичка која ги штити рамењата од сонце. Доколку добие зголемена температура, дајте му антипиретик (ибупрофен или парацетамол) и одведете го на педијатар.