Груевски на прославата на 40. роденден на ЕПП во Луксембург

Груевски на прославата на 40. роденден на ЕПП во Луксембург
Груевски на прославата на 40. роденден на ЕПП во Луксембург
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вечерва во Луксембург заедно со германската канцеларка Ангела Меркел, со лидерската двојка на Европската унија Жан-Клод Јункер и Доналд Туск, поранешниот челник на Европскиот совет Херман ван Ромпуј и голем број други од европскиот политички врв ја прослави 40-годишнината на Европската народна партија, чија членка е и партијата што тој ја предводи во Република Македонија.
Како што јави дописникот на МИА од Луксембург, седнат до поранешниот претседател на Европската комисија и екс-лидер на ЕПП, Жак Сантер, поранешниот премиер Груевски со кремот на европската политика ги зацртаа новите цели на европските демохристијани, а тоа е дека во време кога е зголемен ризикот од популизам, екстремизам и евроскептицизам, ЕПП претставува партија што единствено гарантира стабилност, модерација и одговорност. Како што кажаа Јункер, Меркел и останатите лидери во своите свечени говори, наспроти декадентното однесување на европските социјал-демократи, европските демохристијани секогаш ги ставаат луѓето во центарот на својата политика и партијата е секогаш тука за да ја предводи ЕУ и Европа кон успесите и предизвиците, посочи генералниот секретар на ЕПП, Антонио Лопез-Истуриз.
– Интересно да се присуствува на настан како овој, бидејќи се добива можност покрај неговата основна замисла и за остварување на голем број контакти и средби, разговори со многу лица со кои може да се разменат информации, особено информации што се значајни за Република Македонија, изјави Груевски за МИА пред свечената прослава.
Претходно, на политичкото Собрание на Европската народна партија, што, исто така, се одржа утринава во Луксембург, Никола Груевски оствари средби со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, со Жозеф Дол, претседател на ЕПП, како и со повеќе европратеници од оваа партија.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на Собранието се разговарало на повеќе теми, почнувајќи од референдумот во Британија, генерално за економијата во земјите на Европската унија и теми што се поврзани со мигрантите и бегалците, односно проблемите што се создаваат.
– Разговаравме и за состојбите во земјите-членки на Европската народна партија, за тоа каде наскоро има избори, кога се изборите, што се очекува на истите итн. Станува збор за политичко Собрание на кое се опфатени поголем број на теми и каде што се презентираат различни информации со цел нивно споделување, но и каде што се прави подготовка за идно носење на одлуки и ставови на ЕПП по различни прашања што се важни за Европската унија и за позициите на ЕПП во рамки на ЕУ, истакна Груевски по завршувањето на Собранието на Европската народна партија.
Учеството на Никола Груевски и делегација на ВМРО-ДПМНЕ на денешните два големи настани на најголемата политичка сила во Европа е доказ дека Европската народна партија цврсто стои зад својата сестринска партија во Република Македонија.