Кривичен суд: Ги обезбедивме сите мерки за водење на главната расправа за „Дива населба“

Кривичниот суд го одби предлогот за притвор за Горан Грујевски
Кривичниот суд го одби предлогот за притвор за Горан Грујевски

Од скопскиот Кривичен суд информираат дека главната расправа за случајот „Дива населба“ закажана за денеска е одложена, бидејќи судската полиција на Врховниот суд на РМ не им дозволи влез во судската сала на адвокатите на обвинетите, на членовите на семејствата и на новинарите, со што не беа создадени услови за одржување на расправата.

Во денешното соопштение од Основниот суд Скопје 1 Скопје потсетуваат дека судската сала во Врховниот суд со одлука на Влада од пред две недели му е доделена на времено користење на Кривичниот суд за оваа постапка со што, како што додаваат, беа обезбедени сите технички услови за водење на постапката како и услови за присуство на претставниците на медиумите, семејствата на обвинетите и јавноста се со цел доследно почитување на Законот како и транспарентноста и јавниот интерес за работата на Кривичниот суд во Скопје.

– По добивање на одлуката на Владата на РМ, Основниот суд Скопје 1 – Скопје од претседателот на Врховниот суд на РМ веднаш ги побара клучевите од судската сала кои на 27.05.2016 година во присуство на комисија од Кривичниот суд записнички беше извршено примопредавање на судската сала, по што беше изготвен оперативен план за начинот на обезбедување на судскиот комплекс помеѓу Основниот суд Скопје 1 – Скопје, Апеацискиот суд – Скопје и Врховниот суд, начин на движење на вработените и возилата кои пристапуваат до судскиот комплекс, а воедно овој оперативен план опфаќа и начин на физичко обезбедување на самото судење со помош – асистенција, по наредба на судечкиот совет од страна на МВР на РМ, а наведеното од аспект на безбедност, се додава во соопштението.

Од Основниот суд Скопје 1 информираат дека ја опремиле салата со техника за аудио и видео снимање на судењето, за што ги известиле претседателите на Врховниот суд, Апелацискиот суд Скопје и на Основниот суд Скопје 2 со што, како што додаваат, Кривичниот суд  ги обезбеди сите законски претпоставки за да се одржи расправата, а на претседателите на наведените судови и на судската полиција на Врховниот суд им беше препорачано донесениот оперативен план да го почитуваат и да дадат поддршка на судската полиција на Кривичниот суд.

– Но ништо од наведеното не беше испочитувано од страна на Врховниот суд на РМ, се вели во соопштението од Основниот суд  Скопје 1 – Скопје.

Веднаш по одложување на главната расправа, како што посочуваат од Кривичниот суд, адвокатите кои се дел од постапката оствариле средба со претседателот на Основниот суд Скопје 1 Скопје на која им било образложено дека Судот ги презел сите мерки за водење на денешната главната расправа, сите обвинети биле спроведени во судската сала, биле обезбедени и дополнителни места за присуство на семејствата на обвинетите.

– Но и ние како Суд бевме затекнати од известувањето на судската полиција на Врховниот суд на РМ дека не е дозволен влез во салата за бранителите на обвинетите, претставниците на медиумите, јавноста и членовите на семејствата, се наведува во соопштението.

За ОСС 1 – Скопје, како што се додава, за изненадување се реакциите на реномирани правни експерти по повод доделување на салата од страна на Владата на РМ, со толкување дека Владата директно се вмешала во судското работење.

– Согласно Законот за судовите токму Министерството за правда на РМ, како дел од Владата е надлежно за обезбедување на основни услови на судовите за реализација на судското работење што и од нивна страна беше направено, а со преземените мерки на Основниот суд Скопје 1 – Скопје во целост беа иполнети сите предуслови за продолжување на судскиот процес во врска со настаните од кумановската „Дива населба“, се вели во соопштението од скопскиот Кривичен суд.