МОН ги објави распоредите за екстерното тестирање

Министерството за образование и наука (МОН) е подготвено за полагањето државна матура и за екстерното тестирање, најави денеска заменик министерот за образование и наука Сприо Ристовски.

– Комплетно сме подготвени. Веќе се генерирани распоредите за полагањето на екстерното тестирање, а во завршна фаза ни се сите технички подготовки. На веб страницата на Државниот испитен центар јавно се понудени распоредите за екстерното тестирање и државната матура, рече Ристовски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во МОН.

Тој прецизира дека државната матура се полага во викендите во периодот од 4-ти до 15 јуни.

– Не очекувам да има некакви проблеми за да ги запазиме роковите за уписите на средношколците кои ќе бидат потенцијални студенти. Се водеше сметка и за распоредите во делот на полагањето на екстерното тестирање за учениците од  завршните години на основно образование да бидат во првите групи кои ќе полагаат за да можат  навреме да аплицираат за упис во средните училишта, рече Ристовски.

Екстерното тестирање на учениците од четврто одделение во основно образование, до трета година во средно образование, како што и беше најавено, ќе се спроведе во периодот од 7-ми до 11 јуни.

Распоредите за тоа кои ученици кој ден ќе полагаат се веќе објавени на интернет страницата http://prasanjaeksterno.dic.edu.mk, а таму на три дена пред полагањето, но и на списоци во училиштата, секој ученик ќе може да види по кој предмет ќе биде тестиран.

Годинава ќе бидат тестирани 178.648 ученици, од кои 121.371 се основци, а 57.277 средношколци, а државна матура ќе полагаат околу 20.000 средношколци.