Скриен накит во шолја со лажно дно пронајден во Аушвиц

Златен прстен и ланче се пронајдени во музејот на некогашниот логор Аушвиц.

Накитот бил пронајден во двојното дно во една од илјадниците емајлирани шолји изложени во музејот.

По повеќе од 70 години откако се ослободени преостанатите затвореници на логорот во Полска, персоналот на музејот го откри женскиот накит завиен во мала крпа во лажното дно на шолјата. „Ваквите откритија се случуваат од време на време, но ова откритие е уникатно заради начинот на кој накитот е сокриен“, рече портпаролот на музејот – Павел Савицки.

Савицки објаснува дека персоналот ги нема проверено илјадниците парчиња садови поединечно. „Овој накит го откривме бидејќи емајлот на шолјата почна да се распаѓа и лажното дно лесно се одвојуваше од шолјата“. Да се идентификува сопственичката е невозможно. „Единствено што знаеме е дека таа им верувала на лагите на германските нацисти кои ја пратиле во Аушвиц“.

Многу Евреи што беа праќани во Аушвиц и другите концентрациони логори, понесуваа скриен накит и драгоцености, бидејќи нацистите им ветуваа преселување и нови животи. Се разбира, наместо тоа тие беа ограбувани и убивани. „Очигледен е стравот на оваа жена, а тоа се гледа по начинот на кој го сокрила накитот. Таа очигледно знаела за пљачките, но јасно е и дека се надевала дека ќе преживее“, дополнува Савицки.

Музејот на Аушвиц бележи рекорден број посети – во 2015 година, музејот го посетиле 1.72 милиони луѓе, за да ја одбележат 70-годишнината од моментот кога Русите го ослободија логорот. Помеѓу 1940-та и 1945-та година, во Аушвиц се убиени повеќе од милион европски Евреи, и уште 100.000 други затвореници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.