Македонија

Иванов и Плевнелиев задоволни од напредокот во преговорите за Договорот за добрососедство

Иванов и Плевнелиев задоволни од напредокот во преговорите за Договорот за добрососедство

Претседателите на Македонија и на Бугарија, Ѓорге Иванов и Росен Плевнелиев, на денешната средба во Софија изразиле задоволство од напредокот во преговорите за Договорот за пријателство и добрососедство меѓу двете земји и искажале очекување дека министрите за надворешни работи ќе успеат наскоро да го усогласат текстот на Договорот, јави известувачот на МИА од бугарскиот главен град.

Средбата на Иванов и Плевнелиев, што се одржа доцна попладнево, е пред утрешното одржување на Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој ќе биде во знакот на дваесетгодишнината од основањето.

Република Македонија, истакнал македонскиот претседател Иванов на средбата, води добрососедска политика, но добрососедските односи мора да се базираат на рамноправност, меѓусебно почитување и разбирање.

Како што информираа од Кабинетот на Иванов, на средбата биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Бугарија, актуелните состојби во регионот, особено во контекст на мигрантската и бегалска криза.

Во однос на билатералните односи, претседателот Иванов изразил задоволство од реализацијата на средбите на највисоко ниво, што несомнено дава силен поттик за развивање на билатералните односи на сите нивоа од заемен интерес.

Иванов и Плевнелиев Софија мај 2016

Во врска со аспирациите на Република Македонија за членство во ЕУ и во НАТО, претседателот Иванов искажал очекување Бугарија да даде поконкретна поддршка за неодложен почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ и поддршка за членство во НАТО, кое Македонија одамна го заслужи.

Осврнувајќи се на предизвиците што актуелната мигрантска и бегалска криза ги носи со себе, Иванов и Плевнелиев оцениле дека таа ги надминува националните граници и бара координиран ангажман при адресирањето на нејзините хуманитарни, безбедносни аспекти. Дневно менаџирање, соработка на безбедносните служби, стабилни влади се неопходни за соочување со мигрантската криза и со предизвиците од неа, констатирале двајцата претседатели.

Бугарскиот претседател се интересирал, исто така, и за актуелната политичка ситуација во Македонија. Двајцата претседатели, како што информираат од Кабинетот на Иванов, истакнале дека единствен излез од политичката криза е преку кредибилни избори, прифатени од сите.

Претседателот Иванов утре изутрина ќе има средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов, по што ќе учествува на Самитот на ПСЈИЕ, што се одржува во рамки на бугарското претседателство со оваа регионална иницијатива.

Претседавањето со ПСЈИЕ од утре го презема Хрватска.