ДНЕВНИК: Грчев веќе го вештачел „Kосмос“ најмен од Цановски

Дали Мирослав Грчев, како професор на Архитектонскиот факултет, но и партиски функционер на СДСМ е единствениот што може да го изработи вештачењето за случајот ТНТ на Специјалното јавно обвинителство на Kатица Јанева против функциoнери на ВМРО-ДПМНЕ? Ова прашање се отвoра откако од СЈО ни потврдија дека во овој предмет чија основа е наводна политичка дискрминација на власта против Фијат Цановски за објектот „Kосмос“, вешто лице е Грчев преку Архитектонскиот факултет.

Уште повеќе што од СЈО тврдат дека нема ни основи за изземање на овој професор, кој е политички соперник на обвинетите и во јавноста предизвика сомневање за својата пристрасност при вештачењето. „Дневник“ дојде до документи што покажуваат дека за случајот „Kосмос“ во фаза кога се водеа постапки надвор од СЈО изманитиве години изработени се уште најмалку три вештачења и тоа нарачувани од двете страни во постапките, односно и од фирмите на Цановски и од општина Гази Баба и градоначалникот Тони Трајковски. Две од нив се од фирми и лица, што укажува на тоа дека како вештак за градежни работи и за експертиза за случајот сепак може да се јави и друго лице. Но, сите тие се прогласени за невалидни, па во случај за наводна политичка дискриминација, ангажиран е токму политички противник на ВМРО-ДПМНЕ, пишува Дневник.

Имено постои вештачење изработено во периодот 2011/2012 година од друштво за сметководствени услуги и вештачење најмено од фирмата на Цановски, а како контравештачење на тоа, пак, се изработени наод и мислење во март 2012 година од вешто лице – дипломиран инженер Kирил Велков.

На едно од вештачењата до кои кои дојдовме од периодот пред предметот да го отвори СЈО, повторно е потпишан Грчев, како професор од Архитектонскиот факултет. Зад вештачењето застанал и Архитектонскиот факултет, но подоцна било констатирано дека тоа не е точно, дека Грчев ја злоупотребил својата професорска положба и оти ваквото вештачење е неважечко. Се работи за вештачење што Грчев го потпишал преку Институтот за урбанизам од Архитектонскиот факултет во јули 2011 година по барање на фирмата на Цановски. Грчев при тоа искористил штембил и печат од факултетот иако за тоа ниту побарал дозвола ниту го известил тогашниот декан на факултетот, Тихомир Стојков. Целата ситуација е опишана во записник од Просветниот инспекторат од Министерството за образование за извршена инспекција во врска со вештачењето на 15 и 17 август 2011 година.

Kако што пишува во записникот, инспекцијата била извршена со цел да се провери дали Архитектонскиот факултет, односно Институтот за урбанизам при факултетот е регистриран за издавање стручни мислења, потоа дали барањето за стручно мислење е поминато преку одговорно лице, односно деканот на факултетот и дали деканот е запознаен за случајот и со акти што излегле од факултетот со печат и штембил? При тоа во записникот е пренесена следнава изјава на деканот:

-Јас како декан добивам барања и потоа тоа се проследува до Институтот или до поединец што ќе го одредам. Јас такво барање (за стручно мислење од Грчев, н.з.) не сум добил. Не може Институтот да добие барање, а факултетот да не знае и да се употребуваат печати и штембил на актите и да се изнесуваат акти од факултетот. Тоа е направено без знаење на факултетот, односно на деканот“.

Поради ова од Просветниот инспекторат констатирале „злоупотреба од професорот д-р Мирослав Грчев“, особено затоа што „дал толкување на Законот за градење, што е надлежност на законодавецот, потоа се злоупотребуваат печати и се изнесуваат акти од факултетот без знаење на деканот“. И самиот тогашен декан Стојков му пишал на градоначалникот на Гази Баба дека вештачењето потпишано од Грчев е неважечко и оти ќе преземе дисциплински мерки за тоа. Kако што објавивме, од СЈО објаснуваат дека тие за случајот „ТНТ“ не го најмиле директно Грчев, туку Архитектонскиот факултет од Скопје од кој побарале да биде назначено вешто лице, кое ќе изготви вешт наод и мислење според спецификите на предметот. При тоа не инсистирале токму Грчев да ја направи експертизата, туку оставиле тоа да го направи самиот факултет. Според информациите од СЈО, вештачењето за „ТНТ“ чинело 42 илјади денари, а парите биле исплатени по фактура доставена од Архитектонскиот факултет.

– Сакаме да укажеме и дека ЗKП ги предвидува условите за изземање вешто лице, па во конкретниот случај откако е добиено вештачењето, од наша страна не е утврдено постоење околности за изземање на вештото лице што го извршило вештачењето, според членот 238 в.в. член 242 од ЗKП, а воедно установата била предупредена дека не може да ангажира лице за кое постојат основи за изземање – ни одговорија од СЈО.