Индустријата расте, компаниите внимателни

Раст од 8,7 проценти бележи македонската индустрија во првите четири месеци од годинава. Девет месеци по ред се зголемува производството, анализира Лидер.мк.

Сепак, последиците од политичката криза се чувствуваат. Ако лани регистриравме двоцифрени стапки, сега растот е речиси преполовен. Во април позитивата изнесува само 3,6 проценти, остварена главно како резултат на плусот од 9,4 проценти во преработувачката индустрија и зголеменото производство во делот на прехранбениот сектор, производството на пијалаци, облека, машини и уреди, моторни возила, електрични уреди.

dzs

Од Стопанската комора на Македонија велат дека компаниите се претпазливи. Политичката криза е еден од факторите кои влијаат за резервираноста на фирмите. Тука се и екстерните ризици, но и проблемите кои во некои сектори претставуваат хроночни заболувања.

-Металургијата подолг период се соочува со едни негативни трендови и проблемите во овој сектор не се предизвикани од актуелните случувања. Се работи се проблеми на глобалниот пазар, иако има одредено позитивно раздвижување во последните денови, бидејќи порасна цената на никелот. Компаниите имаат и зголемени нарачки за извоз на челик. Овие состојби можеби нема да предизвикаат некакви поголеми промени кон позначителен раст и значително подобрување на состојбите, но претставуваат некаков позитивен сигнал дека состојбите ќе се движат на подобро. Компаниите од земјоделско – прехранбениот сектор, пак, се најчувствителни на влијанијата на домашниот пазар и на потрошувачката во земјата. На овој план не се очекуваат поголеми проблеми, објаснува Билјана Пеева Ѓуриќ, директорка во СКМ.

Се чини дека се остваруваат прогнозите дека поголемо забавување на индустријата ќе има во вториот квартал од годинава, дотолку повеќе што избори на 5-ти јуни ќе нема, со што останува на маса политичката неизвесност.

-За некои посериозни економски активности, планови за развој и за инвестиции во овој период постои голема претпазливост, како од аспект дали да се преземе зголемување на производството, дали да се инвестира во нов производ или да се склучат нови договори со деловните партнери. Во состојба на неизвесност не се знае дали може да се исполнат договорите“ – вели извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.

-Поголем број од домашните компании алармираат дека со оние странски партнери со кои биле во преговори во изминатиов период да дојдат во земјава, да ги посетат производствените капацитети на нашите компании, при што се очекувало тоа да резултира со конкретни деловни зделки, таквите најави се откажувале. Делумно, ова се должи и на тоа што странските партнери не се сигурни дека домашните компании ќе бидат во можност да вршат редовна и навремена испорака на договореното, вели Пеева – Ѓуриќ.

Што покажуваат податоците на Статистика?

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот „рударство и вадење на камен“ во април бележи пад од 10,2%, во секторот „преработувачка индустрија“ има раст од 9,4%, во секторот „снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“ има пад од 29,5%. Според главните индустриски групи, производството бележи пораст кај интермедијарни производи за 0,1%, плусот кај капиталните производи е 36,5%, раст има и кај нетрајните производи за широка потрошувачка, а пад кај енергијата и трајните производи за широка потрошувачка.

„Добар показател е стандардноста на преработувачката индустрија и на капиталните инвестиции“ – оценува универзитетскиот професор, Томе Неновски.

Се зголемува бројот на работници во индустријата!

Паралелно со растот на производството се зголемува и бројот на вработени во индустријата. Според податоците на Државниот завод за статистика, во април бројот на вработени се зголемил за 1,1 процент.

Во секторот „рударство и вадење на камен“ бројот на вработени се зголемил за 2,3%, во преработувачката индустрија за 0,9%, а во секторот „снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“ има пораст од 2,8%. Сумирано, во првите четири месеци од годинава е зголемен бројот на работници за 1,6%.

Овој тренд на раст на бројот на вработени во индустријата би требало да продолжи, ако се имаат предвид најавите од компаниите кои веќе работат во слободните зони за ангажирање нова работна сила.

„До крајот на годинава нивниот план е да додадат уште дополнителни 1.800 работни места, што значи дека оваа бројка ќе биде 7.100 луѓе во зоните, само од оние компании кои во моментов се таму присутни. Во моментот кога овие компании ќе стигнат до оптималната вредност на нивните бизнис – планови, ќе бидат креирани вкупно 16,5 илјади работни места, само од овие компании“ – вели првиот човек на Дирекцијата за слободни економски зони, Виктор Мизо.