Одбележан Светскиот ден на згрижувачките семејства

Меѓународниот ден на згрижувачките семејства – 1 јуни денеска беше одбележан од страна на Црвениот крст на град Скопје денеска на платото пред Спомен куќата на Мајка Тереза со хепенинг и дружење со децата, згрижувачите и волонтерите.

Секретарот на Црвениот крст Сузана Тунева Пауновска рече дека во рамките на проектот изминатите пет години секоја година се вклучени 90 деца на територија на Град Скопје, а на територијата на државата се регистрирани вкупно 147 семејства кои се дел од проектот на Црвениот крст.

– Се работи за многу важна категорија на граѓани во системот за социјална заштита. Ги отвараат своите домови за сите оние деца кои имаат потреба од љубов и поддршка и во периодот кога нивните родители не се во состојба да се грижат за нив овие семејства се нивна замена. Овие проекти ги работиме во текот на целата година, а денешниот ден го посветуваме пред се на згрижувачите и за нивните потреби, како и да апелираме и ја подигнеме свеста на граѓаните дека овие граѓани се посебна категорија на хумани луѓе, рече Пауновска.

Посочи дека волонтерите на Црвениот крст се чести гости во семејствата на згрижувачите и работат на нивна поддршка, се дружат и имаат рекреативни активности како посета на зоолошка градина, театарски претстави, работилници и дневни екскурзии, со цел сите заедно да направат социјално одговорни личности од овие дечиња.

Пауновска апелираше до сите оние што имаат можност да згрижат дете да го направат тоа затоа што на тој начин сите заедно придонесуваме нашата заедница да биде на високо ниво на социјална одговорност.

Црвениот крст на град Скопје во соработка со  Министерство за труд и социјална политика, ЈУ  Меѓуопштински центар за социјална работа – Скопје имплементира годишна програма за социјализација на деца и млади со посебни потреби и деца сместени во згрижувачки семејства со цел подобри услови за  живот на децата сместени во згрижувачки семејства.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.