Филмот „Ноќен живот“ премиерно во Карлови Вари

Во главната селекција на Филмскиот фестивал во Карлови Вари на 6. јули премиерно ќе биде прикажан филмот „Ноќен живот” на словенечкиот режисер Дамјан Козоле,  копродукција на Словенија, Македонија и Босна и Херцеговина.

Како што соопшти „Сестри и брат Митевски“ – копродукциски партнер од Македонија, филмот раскажува за двајца сопружници чии животи одеднаш ќе се сменат по несреќата што ќе му се случи на мажот.

– Филмот беше поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија. Македонската екипа ја сочинуваат актерот Петар Арсовски, Иво Трајков како монтажер, Мојца Горогранц-Петрушевска – шминкер, композиции и музика се користени од Сашко Коцев, асистент на камера е Маријан Боцевски, асистент на сценографија е Бобан Петрушевски, дел од звукот е работен во Аудиохаус и специјални ефекти се изработени во студиото на ФХ3Х, информира македонската продукција, пренесува МИА.

Режисерот Козоле е познат по актуелните теми на неговите филмови кои постигнуваат и големи успеси на фестиваите, но и во дистрибуцијата во Европа. Меѓу неговите поуспешни филмови е „Резервни делови” кој беше прикажан во главната конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал и дистрибуиран во 15 европски земји.