Избрани 74 кандидати на вториот оглас за кофинансирани специјализации

На вториот оглас за кофинансирани специјализации распишан од Министерството за здравство избрани се 74 кандидати.

Со нив ќе се зајакне капацитетот на специјалистичко ниво во 17 јавни здравствени установи низ државата. Вториот оглас за кофинансирани специјализации беше наменет исклучиво за општи доктори кои не се запишани на специјализација и не се вработени во ЈЗУ.

Првиот оглас за кофинансирани специјализации беше наменет само за доктори веќе запишани на приватна специјализација и согласно Законот се потпишале договорите за кофинансирање.

За ова денеска на прес-конференција говореше министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека изминатиот период спровеле многу значајна реформа за надминување на недостигот од специјалисти во определени области, како и целокупно унапредување на специјалистичко-консултативната здравствена заштита, а тоа е реформата за кофинансирање на специјализации.

Со вториот оглас, појасни, во некои установи се комплетно пополнети местата за кофинасирани специјализации кои беа објавени, имајќи предвид дека станува збор за дефицитарни специјалности. На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедија, анестезија и реанимација, интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) се пополнети сите 20 објавени места за кофинансирани специјализации од областа на анестезиологија со интензивно лекување.

Појасни дека за овие 20 позиции биле пријавени 35 до 40 кандидати кои согласно законот биле тестирани и најдобрите се избрани, а критериумите за избор биле успех од факултет, стручен тест и тест по англиски јазик.

На Клиниката за детски болести се пополнети сите пет места за кофинансирана специјализација од областа на педијатрија. Доделени се сите пет кофинансирани специјализации од областа на нуклеарна медицина (2 за ПЕТ Центар и 3 за Институт за патофизиологија и нуклеарна медицина), рече Тодоров и потенцира дека значителен број кофинансирани специјализации се доделени и за: Клиничката болница Штип (10), општите болници во Струмица (7), Прилеп (6), Струга (3), Куманово (3), Кочани (3), Кавадарци (4), Велес (3), Кичево (1), Гостивар (1), Охрид (1), Гевгелија (1) и Клиничка болница Тетово (1).

Нагласи дека кандидатите ќе почнат со специјализација од септември, и согласно Законот, ќе засноваат работен однос на определено време со јавната здравствена установа во периодот на спроведување на специјалистичкиот стаж и за тој период ќе примаат плата, а потоа по завршување на специјализацијата, докторите се вработуваат без објавување на оглас во ЈЗУ за која се пријавиле за специјализација.

Според Тодоров, оваа мерка овозможува значаен бенефит за установите, како на пример: во Општата болница – Прилеп првпат е доделена специјализација по гастроентерохепатологија, а досега ваква специјалност немало во таа установа, што ќе значи помалку упатувања за една година од Прилеп и Кичево кон други градови, како и сериозно растоварување на установите во други градови, особено скопските болници и клиники.

Нагласи дека во Општата болница во Прилеп ја надополнуваат специјалноста урологија со уште една кофинансирана специјализација, во Општата болница во Кочани првпат е доделена специјализација од областа на оториноларингологија, во Општата болница во Гевгелија првпат е доделена специјализација од областа на ортопедија, а во Клиничка болница во Тетово првпат е доделена специјализација по ендокринологија.

Тодоров додаде дека тоа е многу значајно за унапредување на специјалистичката здравствена заштита во сите тие ЈЗУ и за пациентите кои досега за конкретна специјалистичка услуга патуваа во друг град, а сега ќе ја добиваат блиску до местото на живеење.