24 години – Од самостојност до протекторат

Се прашувам дали имаме совест и морал кога го славиме „8 Септември“ и осамостојувањето на Република Македонија? Што всушност славиме? Нашата немоќ, нашата без’рбетност, нашиот пораз. Затоа што, по актот на самостојност започнавме да ја уриваме нашата државност, да ја уништуваме нашата самостојност чекор по чекор. Денес таа е само празен збор во еден безвреден Устав неколкукратно сечен и прекројуван по странски терк.

Зошто стигнавме до протекторат? Само точниот одговор на ова прашање ќе ни даде барем мали шанси да ја подобриме својата состојба. Веќе отворено се тврди дека Македонија не била спремна за актот на самостојност. Само што доколку е така, зошто на референдумот 97,9 од отсто од граѓаните се изјаснија за самостојна и суверена Македонија? Вистина, со додавката „со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија“. Подоцна некои ја оправдуваат таа додавка со наводниот факт дека инаку македонските граѓани немало да гласат за независност. Всушност ситуацијата е спротивна.

Ако ја користам познатата мисла на Ленин: Македонците несакаа да живеат како дотогаш, но македонската политичка елита неможеше да управува на друг начин. За тоа таа елита се вртеше околу југословенството, а на Македонците им беше фрлена националистичка мамка. И едната и другата опција беа далеку од самостојна Македонија. Љубчо Георгиевски во својте зборови една година пред осамостојувањето тврди, дека идниот Конгрес на ВМРО, ќе биде во Солун, а во истото време добива пари од бугарската Влада. Во периодот по 1974 година со новиот Устав на Југославија, Македонија, како и другите 5 републики, практично стана национална држава. Таа имаше Собрание на СРМ, Претседателство на СРМ, Извршен совет на Собранието на СРМ и Органите на управата, Правосудни органи, Уставен суд. Во времето на распаднувањето на Југославија сите функционери во наводно изумреа. За жал, не беа умрени и тоа се виде во времето на криминалната приватизација. Со други зборови, беа умрени кога се решаваше судбината на Македонија, а подоцна воскреснаа кога дојде времето да се краде неколкудецениската недвижна сопственост стекната од македонските граѓани.

Во периодот 1990/91 година имаше две можни опции: излегување од Југославија или останување во една скратена Федерација. Првата опција брзо ја избраа Словенија и Хрватска, Црна Гора одлучи да биде во минифедерација со Србија, а Македонија и Босна и Херцеговина се двоумеа меѓу едната и другата варијанта како Буридановото магаре. За на крај и двете земји дојдоа до катастрофа.

Во време на судбински избор мора да се донесе одговорна, но и брза одлука. Доцнењето многупати е поштетно од прифаќањето на која и да е опција. Затоа уште во 6 век пр. Христа еден од Законите на Солун утврдува: „На луѓе кои во време на судири не се определиле ниту за едната ниту, пак, за другата страна, им се одземаат граѓанските права“.

Многу штетен за иднината на македонската држава беше изборот на Киро Глигоров за претседател на Република Македонија. Овој човек, 45 години беше на позиции во Белград и могумина мислеа дека стекнал големо политичко искуство. Но, ако се гледа биографијата на Глигоров, со исклучок на годините 1974/78 кога е Претседател на Собранието на СФРЈ, во сите други функции не е титулар. Помошник-министер, Помошник-претседател, Заменик-директор, Секретар и Сојузен секретар, Потпретседател, член на Претседателства на разни виши органи. Од таков човек не станува лидер притоа на мала држава каде мора да бидеш човек-оркестар: брз, цврст, со неочекувани потези. На се од горе, кога Глигоров стана македонски Претседател беше на возраст од 73 години. Веќе истрошен како политичар и човек. Сличен е случајот и со помладијот Стојан Андов, кој во споредба со Глигоров во повеќе периоди бил титулар. Само што тоа се претседателства на комитети, одбори и комисии на пониско ниво, како дел од виши структури. Ако кон тие имиња ги додадеме 29-годишниот Премиер Бранко Црвенковски и 24-годишниот потпретседател Љубчо Георгиевски, ќорсокакот во кој испаѓа осамостоената Македонија е логичен:

  1. Македонија не ја искористи одлуката на „Бадентеровата комисија“ (формирана од Европската заедница, денешна ЕУ) од крајот на 1991 година дека условите за признавање ги исполнува само таа и Словенија.
  2. Македонија не спречи ниту една од трите средби во текот на 1992 година организирани од грчкиот премиер Мицотакис за поделба на државата. Нешто повеќе. Таа не знаеше за нив. За среќа, отказот на романскиот Претседател и воздржаноста на Бугарија и Србија ја спречи подготвената грчка агресија.
  3. Глигоров не го искористи познанството со српскиот претседател Милошевиќ за да ја најде најдобрата опција за Македонија.
  4. Одвај на 30 јули 1992 година Македонија официјално побара прием во ООН. Меѓутоа, на 30 мај истата година Советот за безбедност припреми санкции против Србија и Црна Гора, но македонскиот политички врв не ја искористи можноста да ја поврзе согласноста за санкции со прием во ООН под уставното име. Подоцна македонската држава попушти да биде примена со референца наместо да покаже заби.
  5. Во време на 18-месечното ембарго на Грција кон Македонија (1994/95) македонскиот политички врв не возврати со реципроцитетна мерка. Не само тоа. Попушти со менувањето на знамето и Уставот и со потпишувањето на Привремената спогодба. Ќе потсетам дека само од грчкото ембарго Македонија изгуби 2 милијарди долари.

За сето тоа одговорност носат пред сè Глигоров и Црвенковски. Вина има и лидерот на опозицијата Георгиевски, кој наводно протестираше против сите тие одлуки, но со цел, нè да потпомогне туку да ја руши државата. Предавничката улога на Георгиевски целосно се разоткри во потпишаната Декларација со Бугарија, во поддршката на НАТО за бомбардирањето на Србија, во изборот на американската марионета Борис Трајковски за македонски Претседател и во срамната капитулација во 2001 година.

Со два збора, Македонија стигна до протекторат уште во деведесеттите години заради незрела, плашлива и предавничка политика на македонските политичари. Тие немаа квалитети и визија за иднината, но стари (Глигоров) и млади (Црвенковски) цврсто ги држеа фотелјите и не ги даваа на попаметни од нив. Многу се зборува и за негативната улога на САД за македонската голгота. Тоа е вистина, но и тука ја прокоцкавме неверојатната шанса што ја немаа другите земји од Балканот. Станува збор за Лазар Мојсов, единствениот Македонец, кој имаше највисоки функции во Југославија. При тоа, во последниот период од нејзиното постоење: Претседател на Генералното собрание на ООН, на президиумот на ЦК СКЈ, Министер за надворешни работи на Југославија, а 1987/88 година Претседател на Претседателството на Југославија. Но, најбитен факт за нас беше дека Мојсов од неговото амбасадорство во ООН (1969/74) е во блиски фамилијарни односи со Џорџ Буш, постариот, кој во исто време е амбасадор во ООН. Во периодот 1981/89 година Буш е потпретседател на САД, а меѓу 1989/93 година Претседател. Неколкудецениското пријателство е џек-пот во меѓународните односи. При тоа Мојсов (истолетник на Глигоров) имал желба да работи за Македонија:

– Се обидов да воспоставам контакти со Македонија. Ми порачаа дека не сум и потребен и дека нема зошто да одржуваат контакт со мене. Тоа ми го кажаа пренесувачи на вести од врвот на Македонија.

Глигоров имал љубомора кон Мојсов, не е битно дали му завидувал или друго. Битно е дека неговите фрустрации донесоа невидена штета на државата. Се разбира, САД имаат на Балканот долгорочна стратегија. Но, таа стратегија се формираше во времето на Буш. Ако на чело на Македонија беше Мојсов ситуацијата ќе бидеше сосема различна. Кога САД ја призна Македонија, Словенија, Хрватска и Босна, а одби да ја признае Македонија, во Белата куќа беше Буш. Исто беше и кога пред тоа ЕЗ го одби предлогот на Бадинтеровата комисија за признавање на Македонија. И кога САД ја наметна референцата врз Македонија беше повторно во времето на Буш. Мојсов можеше да соработува и да се пазари и со Буш и со Милошевиќ, затоа што тајни за него немаше. Но, кој да го сфати тоа?

За крај, ќе ви дадам еден пример од историјата. За да организира антиосманска коалиција влашкиот владател Михаил Храбри (16 век) ја смирил својата гордост и се признал за вазал на Унгарија. Со добиената поткрепа, подоцна не само што им нанел пораз на Османлиската империја, дури и успеал да го обедини Влашко, Молдова и Трансилванија во една држава. Но, за македонските политичари важи друг принцип: не ми е гајле за државата ако не сум на власт.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.