Со претставата „Автобус“ почна третото издание на „Гола месечина“

Со гостувањето на Сатиричниот театар „Алеко Константинов“ од Софија и  претставата „Автобус“ од Станислав Стратиев, а во режија на Здравко Митков, се крена фестивалската завеса на третото издание на Интернационалниот фестивал на комедијата „Гола месечина“.

Во деветте фестивалски дена, односно се до 29.06.2016 г., публиката во Спортскиот центар “Ново Лисиче” во општина Аеродром ќе има можност да види вкупно осум претстави од театри од земјава, но и од гостите од Бугарија, Србија и БиХ.

Претставата со која се отвори фестивалот всушност е приказна во која деветмина патници патуваат во градски автобус кој одеднаш скршнува од својата рута. Патниците сфаќаат дека никогаш нема да стигнат на посакуваната дестинација. Во својот страв, паника и терор тие се претвораат во агресивна маса, која додека монструозната машина јури кон својата пропаст ги отвора прашањата:  Правиме ли што е потребно? Реагираме ли точно и навреме на злото? Можеме ли да стоиме пасивни?…

Авторот на “Автобус”, напишана во 1980 година, е Стратиев – еден од најголемите сатиричари на бугарската драма и литература, а претставата од поставувањето кон крајот на минатата година за само неколку месеци во соседна Бугарија имала 30 изведби.

Во склоп на фестивалската програма на „Гола месечина“ публиката до 29 јуни ќе има можност под отворено небо да проследи уште седум претстави.

Така, вечерва на репертоарот е “Балкански шпион во Сараево” на Народниот театар Сараево, од Душан Ковачевиќ, а во режија на Сулејман Кусуповиќ. Веќе утре (иако првично најавени в петок, по барање на гостите од Р Србија, а поради оправдани причини) на сцената ќе застанат актерите од Белградскиот драмски театар. Публиката ќе има можност да ја погледне “Елинг” од Сајмон Бент во режија на Марко Манојловиќ. В петок, пак, на репертоарот е НТ Војдан Чернодрински – Прилеп со “Хамлет од Горно Дупени” од Иво Брешан во режија на Кирил Петрески. Во недела е Народен театар Охрид со “Парламентарки” од Сашо Димоски, во режија на Ненад Витанов, во понеделник Народен театар Ниш со “Жорж Данден” од Молиер во режија на Драгослав Савиќ, во вторник Театарот за деца и младинци со “Македонска приказна” од Боњо Лунгов и за крај “Нешто пропуштаме” на домаќините од Театар Комедија, односно од Горјан Милошевски, а во режија на Бојан Трифуновски.

Токму на последниот фестивалски ден ќе бидат соопштени и добитниците на четирите награди за најдобра режија, машка и женска улога и Гран-при за најдобра претстава.

“Гола месечина” е во организација на Театар Комедија, а со поддршка на Општина Аеродром и Министерството за култура. Влезот за сите претстави е бесплатен, а СЦ “Ново Лисиче” е со капацитет од околу 3.000 гледачи.