Одбележани 15 години од загинувањето на бранителите кај Љуботенски бачила

Делегација на Владата на Република Македонија, претставници од кабинетот на претседателот државата и од Министерството за одбрана денеска по повод одбележување 15 години од загинувањето на осмината припадници на резервниот состав на Армијата на Република Македонија кај месноста Љуботенски бачила положи цвеќе пред Споменикот на загинатите во село Љубанци.

Цвеќе пред споменикот положија и семејствата на загинатите, претставници на АРМ, преживеаните соборци, градоначалникот Петре Латиновски и жители од општина Бутел, како и претставници од здруженијата на ветерани, херои и бранители на Македонија.

braniteli.jpg6

Градоначалникот Латиновски, рече дека Македонија вечно ќе им биде благодарна и никогаш нема да ги заборави младите борци кои го дадоа животот за татковината и порача никогаш да не се заборават, но и никогаш да не се повтори.

braniteli.jpg4

Во чест на осмината загинатите борци беше одржана панихида, а присутните со едноминутно молчење оддадоа почит на жртвите во поплавите во Скопје. Семејствата на загинатите борци, исто така, побараа и поголема поддршка од државата.

braniteli.jpg1

На 10 август 2001 година, воено товарно возило на АРМ на патот кај месноста Љуботенски бачила нагази на две противтенковски мини. Животот го загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, сите припадници на резервниот состав на АРМ од гарнизонот Скопје.