Магазин

25.000 посетители на „Охридско лето“

25.000 посетители на „Охридско лето“
25.000 посетители на „Охридско лето“

Јубилејното 55-то „Охридско лето“ измина во знакот на беспрекорна реализација, полни гледалишта, позитивни  критики и задоволни уметници, пишува МИА.

Во овие 40 фестивалски денови се случи едно неповторливо доживување  со  големи музички ѕвезди, врвни театарски претстави, премиери, гости од целиот свет, распродадени концерти по само два дена од нивното најавување. Тоа зборува дека работата сме ја завршиле беспрекорно, истакна директорот на фестивалот Елизабета Јанкуловска на денешната завршна прес-конференција од годинашното фестивалско издание.

Таа појасни дека фестивалот оваа година бележи одлична посетеност, со околу 25 илјади посетители, домашни, но и гости од  Србија, Хрватска, Грција, Чешка, Албанија, Франција кои допатувале во Охрид специјално за да проследат некои од понудените фестивалски содржини – 29 музички концерти, 13 драмски претстави и десет настани од дополнителна програма.

Постоеше огромен интерес за следење на настаните. Како што веќе знаете, концертот на славниот Иво Погорелиќ беше распродаден за рекордни два дена по објавувањето на програмата. Токму затоа успеавме да обезбедиме втор концерт, ден потоа, со што маестро Погорелиќ ја почести публиката со уште еден концерт на 55. јубилејно издание на фестивалот, истакна Јанкуловска.

Селекторот на драмската програма Ѓорѓи Јолевски исклучително задоволен од реакциите на публиката, не само за театарската, туку воопшто за програмата на 55-тото издание на „Охридско лето“.

Одгласите беа феноменални, а реакциите и од публиката и од критиката беа дека годинашното издание донесе не само ѕвезди и имиња, туку и многу новитети во третманот на уметноста, во новите естетики, во новите видувања на уметничките дела, рече Јолевски.

Тој укажа дека драмската програма поделена во трите големи сегменти – надворешната програма, програмата за одбележување на 100 -годишнината од Првата и 70-годишнината од крајот на Втората светска војна со претставите „Неопланта“, „Фигурае Венерис Хисториае“ и „Нашиот клас“, потоа македонските премиери кои беа реализирани беспрекорно и нивниот импакт кај публиката и, се разбира, новоформираната програма на младо театарско Охридско лето направија една целина која се вклопи во целокупниот тетааски репертоар на 55-тото издание, додаде Јолевски.

Неговата колешка, селекторот на музичката програма Гордана Јосифова – Неделковска, со забелешка дека фестивалот „Охридско лето“ и по ова издание покажува дека бил и секогаш ќе остане непроменлив во однос на задржувањето на квалитетот.

„Охридско лето“ завршува со претставата „Figurae veneris historiae“ на Горан Стефановски

 Според стручната домашна, но и меѓународната критика и според општото мислење и оваа година реализиравме врвно фестивалско издание, според многумина круна на досегашните случувања што всушност беше наша главна задача да го дадеме најдоброто за ова јубилејно 55-то издание, рече таа.

Потсети дека на ова издание се остварени гостувања на голем број светски музички имиња, дека, како што рече, „јубилејното фестивалско издание ќе биде запаметено по тоа што сите патишта од Македонија, но и од регионот водеа кон Охрид и фестивалските сцени“.

Програмата за годинашното издание на „Охридско лето“ ќе биде заокружена со утрешната изведба на театарската претстава „Figurae veneris historiae“ на Горан Стефановски
Програмата за годинашното издание на „Охридско лето“ ќе биде заокружена со утрешната изведба на театарската претстава „Figurae veneris historiae“ на Горан Стефановски

Фестивалот „Охридско лето“ секоја година се повеќе чекори по скалилата на успехот и се повеќе ја зацврстува својата позиција на мапата европски фестивали. Големиот број светски уметници кои беа гости оваа година со големо воодушевување го пренесуваат низ целиот свет убавиот глас за фестивалот, а со тоа и за Македонија или, како што велат, во светот на уметноста Македонија  е препознатлива по фестивалот „Охридско лето“, додаде Јосифова – Неделковска.

Програмата за годинашното издание на „Охридско лето“ ќе биде заокружена со утрешната изведба на театарската претстава „Figurae veneris historiae“ на Горан Стефановски, продукција на Словенечкиот национален драма театар од Љубљана.