25 деца згрижени во згрижувачки семејства во Велес и велешко

Стручен тим од Центарот за социјална работа од Велес во рамките на кампањата на Министерството за труд и социјална политика „На секое дете му е потребно семејство“ попладнево во Велес одржа трибина наменета за сите заинтересирани граѓани кои сакаат да згрижат деца без родители и родителска грижа.

На трибината стручниот  тим од Центарот составен од социјален работник, правник и психолог ги информираа сите заинтересирани граѓани за критериумите за поднесување на барање за згрижување на дете, а по што присутните поставуваа прашања.

Исмаил Дурмишовски кој веќе повеќе години згрижува вакви деца пред присутните говореше и пренесе свои искуства од згрижувањето на деца, а во изјавата за медиумите кажа дека искуствата му се позитивни и ги повика сите граѓани кои имаат услови да згрижат деца.

Како што информира за медиумите Нада Трајкова од Центарот за социјална работа во Велес, згрижувачки семејства во Велес  има од 2004 година а во моментов се осум згрижувачки семејства кои згрижуваат 15 деца. Воедно  вкупно 25 деца од Велес и велешко се згрижени и во други згрижувачки семејства во земјава.

Трајкова потенцира дека целта на оваа кампања е да се зголеми бројот на згрижувачки семејства.

-Искуствата покажаа деке условите за раст и развој на децата се многу подобри за разлика од институционалниот облик на згрижување на овие деца без родители и родителска грижа, затоа ние правиме напори да допреме до оние граѓани кои имаат хуманост и услови да згрижат вакви деца, потенцира Трајкова.

Воедно освен парична надомест овие згрижувачки семејства добиваат  и други поволности од државата. Со новите измени на законот, ако некој не остварил право на пензија по друг основ, а во  последните пет година до полнење на 62 години од животот активно згрижувал деца,  може да оствари право на згрижувачка пензија од државата,  појасни Трајкова.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.