25 години од донесувањето на Конвенцијата за правата на детето

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, денеска присуствуваше на свеченоста по повод годишнината од донесувањето на Конвенцијата за правата на детето.

– Пред дваесет и пет години, светот ја усвои Конвенцијата за правата на детето која овозможи општествениот статус на децата да прерасне од предмет на нечии права или милостина во субјект со свои сопствени права. Во оваа Конвенција, јасно е нагласено дека децата имаат право на образование во рамки на кое ќе се почитува нивното човечкото достоинство, истакна министерот Адеми, додавајќи дека децата имаат право на образование, кое треба целосно да го развие карактерот и талентите на детето.

Децата, додаде Адеми, треба да знаат кои се нивните права, но подеднакво е важно да знаат како нив да ги почитуваат и правилно да ги применуваат.

– Донесувањето на Конвенцијата само по себе претставуваше иновација која стана двигател на значителен напредок за децата во изминатите две и пол децении. Додека го прославуваме овој напредок, не смееме да заборавиме дека и понатаму има голем број деца што и денес заостануваат зад другите. За да ја исполниме замислата на Конвенцијата треба да бидеме иновативни, рече Адеми.

Децата, потенцираше Адеми се нашето најголемо богатство. Без нив иднината се семејствата и на државата се несигурни.

– Денес кога го славиме Денот кога светот ја усвои Конвенцијата, можеме да кажеме дека сме напреднале во поглед на заштита на децата и нивните права. Можам со гордост да кажам дека Република Македонија доследно ги почитува правата на детото, додаде министерот за образование и наука, напоменувајќи дека основното и средното образование се бесплатни, како и учебниците.

Воведовме, потенцираше Адеми, предмети преку кои учениците ги развиваат своите вештини и знаења, кои ќе им помогнат за подобро разбирање на своите права во текот на животот.

– Наставата по програмата за Иновации, им овозможува на учениците развивање на иницијативноста и креативноста; претприемничкиот дух и иновативното размислување преку стекнување на знаења и вештини од областа на претприемништвото и иновациите. Оспособеноста на учениците за иновативно однесување ќе им користи не само во нивниот секојдневен живот во домот и општеството, туку и во процесот на работа како активни чинители во националната економија, истакна во своето обраќање министерот за образование и наука.