Најмалку четири експлозии во Сирија, има жртви

Најмалку четири експлозии избувнаа денеска во неколку сириски области и градови, кои се под контрола на власта, а според сириската агенција САНА има 18 загинати.

Нападите се извршени во предградие на Дамаск, во провинциите Хасака и Хомс, како и во пристаништниот град Тартус.

Гувернерот на провинцијата Хомс изјави дека автомобил-бомба експлодирал во близина на воен контролен пункт во градот Хомс. Според првичните информации, загинале двајца војници, а четворица се повредени, од кои едниот потешко.

Западни медиуми јавуваат дека пет лица се убиени во две експлозии на мостот Азрун на автопат во близина на Тартус. Друга експлозија одекнала на пат западно од Дамаск.

Во провинцијата Хасака, во еден населен дел, бил извршен самоубиствен напад.

Сирискиот центар за мониторинг на човековите прави соопшти и за експлозија во градот Камишли.

Засега ниту една од екстремистичките групи во Сирија не ја преземале одговорноста за нападите.