ВИДЕО: Уапсените во „Калабрија“ во притвор, државата им го заплени имотот вреден милиони

Имотот што го сочинуваат огромни комплекси со базени, куќи, станови, луксузни возила стекнати со криминал се запленети од властите во рамките на акцијата „Калабрија“ при која што беа уапсени 13 членови на едно кумановско семејство, на кои им е одреден 30 дневен притовор.

Надлежните органи ја почнуваат проверката на имотот да одредат што од него е стекнато со криминал, а што по легален пат.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска информираше дека во изминативе две години со помош на посебни истражни мерки успеале да ја разоткријат криминалната организација што ја предводел 43-годишен кумановец. Тој вчера беше уапсен од полицијата заедно со четворица негови браќа, две нивни сопруги и шест синови.

Огромниот имот семејството го стекнало така што сопственици на градежни компании намерно ги доведувале во ситуација да мораат да позајмуваат пари од нив, а потоа им наплаќале високи камати, а дел од имотот го обезбедиле и преку изнуди.

„Освен тоа што доведувале правни лица во неликвидна состојба, истите со употреба на сериозни закани во подолг временски период изнудувале парични средства и од повеќе физички лица уценувајќи ги да потпишуваат фиктивни-лажни договори за купопродажба на недвижен имот“, вели министерката Јанкулоска.

)

Покрај ова, тие создале добро организирана криминална мрежа која им помагала во  транспорт, препродавање и пуштање во промет на наркотична дрога хероин во Швајцарија, а парите потоа  ги префрлале преку Агенциите за брз трансфер на пари. Полицијата се сомнева дека оваа група во изминативе 10 години пари успеале да исперат четири милиони евра стекнати со криминал и истите да ги пуштат во легален промет.

Во големата полициска акција учествуваа 350 полицајци, извршени се претреси во 26 објекти сопственост на уапсени, но и кај петмина нотари, две книговодствени бироа кои биле поврзани со осомничените.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.