Македонското „свирипиле“ го освојува светот

Луѓето не можат без него. Веќе одамна е вкус без кој некои јадења се нецелосни. Тешко дека ќе се најде кујна во која го нема, освен кога ќе се потроши па се чека да стигне следното ќесенце од пазар.

Вака почнува приказната за традиционалното македонско „свирипиле“ раскажана во брошурата „Буковска пипер“ каде уште стои дека „се благословени местата на кои им е подарен ваков препознатлив производ со кој мештаните се доживуваат себеси комплетно, спокојни се и среќни додека ја гледаат неговата доминатна боја во просторот“.

Се смета дека македонското и единствено „свирипиле“ името го добило многу одамна кога на некое детенце му се пријало, а бабата направила „нешто“ со пиперки и го олутела. За да не плаче внучето, почнала да му вика „Свири пиле, Свири пиле!“. Оттогаш, така останало меѓу народот.

Во селото Буково свирипилето е познато како „солило“, а во Битолско, со додаток на маслинки, го викаат „Макарина“.

Свирипилето најчесто се сервира со домашен потпечен леб, посебно во есенските и зимските месеци. Некои го јадат како макало, а некои како прелив. Се подготвува од буковска пипер, масло и вода, но ова, вели производителот Наташа Каровска, е најстариот и „најобичниот“ рецепт.

– Во загреан сад се става масло. Се додаваат малку буковска пипер и вода. Смесата се промешува додека не зоврие, а потоа се ставаат и сушено нане и лук. Некои семејства, пак, свирипилето го прават од брашно, сол, пипер и домашен сос од домати. Се ова се става во загреано масло, а откако ќе зоврие, му се додава нане. Подготвеното свирипиле најчесто се сервира со домашен потпечен леб, но може да се сервира и во комбинација со домашни печени колбаси. И сирењето е неизоставен дел од ова јадење, објаснува Каровска, член на Слоу фуд президиумот Буковска пипер.

1

Според други извори, „свирипиле“ се прави од суви пиперки, лук, масло, киселина, малку вода, сол и нане. Можно е да има и други модификации или додавки.

Под името „слатко свирипиле со бадем“ традиционалниот рецепт неодамна беше „трансформиран“ од светски познатиот готвач Џанфранко Киарини. Тој ја посети Македонија кон средината на месецов. Се претстави со гастрономски перформанси во Скопје на 12 и 14 октомври кога на претходно дефинираното мени, на изненадување на гостите, го вметна и свирипилето.

Киарини првпат проба „Свирипиле“ во Скопје со уште неколку традиционални јадења карактеристични за земјава. Посебно се воодушеви од неговиот вкус, се заинтересира за потеклото и за начинот на подготовка. При посетата на селото Буково го пречека трпеза на која „главно“ беше свирипилето. Неговиот рецепт „слатко свирипиле со бадем“ за кој идејата произлегла на враќање кон Скопје, се состои малку загреано маслото, буковец (за арома) и потпечени бадеми.

– Во блендер се става вода, буковец, мед, бадем и малку маслиново масло. Смесата се блендира, а целото јадење се сервира во т.н. Amoushe Boushe варијанта која на крај се прелива со мед со тартуф, вели македонскиот готвач Филип Чаловски кој е инспириран од Киарини и планира нешто поинаков рецепт за свирипилето.

Размислува за некоја песто варијанта – ореви, лукче, киселина, масло, малку мед и пипер.

2

– Ретки се местата врз кои толку се излеала кошницата на божјите дарови, да можеш да ги почувствуваш со сите сетила: допирот –додека му се радуваш на тазе набраниот род во дланките, бојата на свежо набраните пиперки послани низ дворот што чекаат да бидат нанижани, мирисот на уште топлите фурни додека се вадат потпечените пиперки, звукот на ќускиите што удираат врз тазе потпечените суви пиперки во кутлињата кој одекнува низ трудољубивите маала, вкусот кој ве чека на трпезата во соларник со две окца сол и пипер. Ретки се местата кои од таков дар умееле да создадат толку широко прифатен производ, таква зависност за гурманите, завршува приказната во брошурата, нарекувајќи го свирипиелто „уште еден вкус што селото Буково му го даде на светот“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.