Македонија меѓу десетте топ реформатори за бизнис во светот – клучен фактор за привлекување на инвестиции

Република Македонија за прв пат е рангирана на високото 10 то место во светот, од 190 земји, односно петта во Европа, по условите за водење бизнис во најновото издание на Дуинг Бизнис извештајот на Светската Банка. Тоа е напредок од 84 места во последните 10 години.

Според директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Виктор Мизо, извештајот ќе биде дополнителен повод странските инвеститори да ја гледаат земјата како потенцијална дестинација за инвестирање. Тој очекува дека со рангирањето меѓу првите 10 земји со најдобра бизнис клима, земјава ќе се најде на маса и во деталните анализи на голем број глобални мултинационални компании.

Тој појаснува дека во процесот на анализа на било која земја каде што би се лоцирал производствен погон на некоја странска компанија се земаат во предвид многу фактори, меѓу кои огромно влијание имаат токму меѓународните рангирања, благодарение на кои се прави споредба со другите земји кои се конкурентни во овој процес.

Еден од основните извештаи кој се користи како водич за споредба на начинот на водење бизнис во една земја, во однос на друга, како што истакнува Мизо, е токму извештајот на Светска банка Дуинг Бизнис. „Овој извештај е глобален и ги рангира речиси сите земји во светот и преку него инвеститорите, посебно мултинационалните компании, можат да направат споредба со други светски дестинации каде што се веќе присутни, како на пример Мексико, Индија, Бразил, Мароко, Тајланд и други слични глобални дестинации каде што глобални мултинационални компании имаат свои производствени погони, а не само во сооднос на земјите блиски до нас – Србија, Бугарија, Словачка, Турција, туку и глобално како ние се споредуваме со локациите на кои тие веќе се присутни.

Од таа гледна точка дополнително кога на некого ќе му презентирате дека вашата држава е во топ 10 земјите и кога ќе се види кои се другите девет земји пред нас, а пред колку други земји членки на ЕУ и високо развиени глобални економии се наоѓаме, тоа ќе значи дополнителен причина позитивно да гледаат на земјата како потенцијална дестинација за инвестиции. Извештајот ќе ни даде подобра влезна карта за да се најдеме на радарот на овие глобални мултинационални компании, како една од земјите кои ќе ги вклучат во деталната анализа, посочува Мизо во изјава за Нетпрес.

И според лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, рангирањето на земјата на високата 10-та позиција, претставува одлична препорака за многу инвеститори во светот да ја земат во предвиде Македонија како потенцијална дестинација. Според Груевски, ова е огромен напредок, со оглед на фактот дека во 2006 година земјава беше рангирана на 94-то место, а годинава е меѓу првите десет топ реформатори за бизнис во светот.

„Ова ќе биде одлична препорака и за многу инвеститори во светот да дојдат во Македонија и за оние кои што до сега слушнале но немале многу информации. 10-то место што ни го дава Светска Банка во светот и 5-то во Европа кажува многу. Четири земји кои што се пред нас во Европа се Велика Британија, Шведска, Норвешка и Данска. Навистина малку работи можат да се најдат каде што сме во првите 10 во светот а ова е една од поважните работи затоа што оваа работа е предуслов за отворање на нови работни места а со тоа и зголемување на стандардот на населението“, посочува Груевски.

Ова е историски резултат кој произлегува од големата посветеност и труд на Владата и претставува поттик да се продолжи со реформите за создавање поволна бизнис клима, оцени вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски. „Извештајот „Дуинг бизнис“ е најреномиран светски економски извештај и има големо внимание кај светските мултинационални компании.

Бизнис климата која ја создадовме ни дава можност за привлекување нови познати компании да инвестираат во земјава, да отвораат нови работни места, да продуцираат нови производи и да го зголемуваат извозот, а со тоа да се подигне и стандардот на граѓаните и економскиот раст на земјата. Овие резултати можеа да бидат и подобри доколку во овие десет години, а особено во последните две, не ни се испречија неколку многу комплексни ситуации, кои го забавија процесот на спроведување на реформите, на еден или на друг начин, потенцира Пешевски“, нагласи Пешевски.

Процедурите за водење бизнис во Македонија, како што нагласува министерот за финансии, се значителнопоедноставени и скратено е времето и трошоците, побрзо и поефтино се стопанисува, а даноците се меѓу најниските во светот . Во споредба со Европските земји, во Македонија може 5 пати побрзо да се увезе и извезе стока. Македонија е високо рангирана кај индикаторот Плаќање даноци, каде се наоѓа на 9-то место во светот, што е скок од 70 места во однос на 2006 година. Кај индикаторот Услови за прекугранично тргување земјава е рангирана на 27 место и бележи подобрување од 100 места.

„ Благодарение на континуираните реформи и настојувања за постојано подобрување, денес во Македонија се стопанисува побрзо и поевтино во однос на пред десет години или во однос на сегашните процедури во земјите од Европа, централна Азија и ОЕЦД. Така денес во Македонија се плаќа три пати пониска ефективна даночна стапка, три пати побрзо се увезува и извезува стока при што извозот е удвоен и намален е трговскиот дефицит, полесно се пристапува до кредити и многу побргу се решаваат стечајните постапки“, посочи министерот Миноски.

Инаку, споредено со лани, во однос на сите 10 индикатори Македонија е рангирана меѓу 50 те земји во светот. Спорд индикаторот каде е најлесно да се почне со бизнис Македонија е позиционирана на четвртото место. Вадење градежни дозволи Македонија е на 11 место што е скок од 75 позиции за период од 10 години, напредок од 70 места односно 13 то место според индикаторот за заштита на малцински инвеститори. Скок од 36 позиции е забележан кај спроведувањето на договори, а во однос на индикаторот за регистрирање на имотот земјава се наоѓа на 48 та позиција и во однос на 2007 година има напредок од 39 места.

Во извештајот „Дуинг бизнис“ во кој се мерат условите за водење бизнис во 190 држави во светот, Македонија е подобро рангирана од Австралија, Германија, Австрија, Канада, Франција. Според извештајот, Македонија е земја со најдобра бизнис клима на Балканот. Зад неа се Бугарија која е рангирана на 39-то место, Србија на 47-то, Албанија на 58-то, Косово на 60-то и Грција на 61-то место.