вторник, 29 ноември 2016  |  Вести денес: 16

Изложба за Кокино и промоција на поетски избор од македонски автори

Изложбата на фотографии посветени на Кокино од познатиот македонски фотограф и снимател Љупчо Илиевски низ 30 фотографии ќе го претстави авторското видување на овој наш познат археолошки локалитет и светски позната мегалитска опсерваторија.

133407309

Последни вести

Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија вечер ќе биде домаќин на два културни настана – на фотографска изложба „Кокино – мистичен шепот низ вечноста“ од авторот Љупчо Илиевски, а по нејзиното отворање ќе биде промовирана книгата „Портал на Сонцето” од бугарскиот поет и преведувач Роман Кисјов.

Изложбата на фотографии посветени на Кокино од познатиот македонски фотограф и снимател Љупчо Илиевски низ 30 фотографии ќе го претстави авторското видување на овој наш познат археолошки локалитет и светски позната мегалитска опсерваторија. Изложбата е веќе претставена во повеќе градови во Македонија, а има гостувано  во Крањ и во Белград.

Во вториот дел од програмата ќе биде претставен обемниот поетски избор од современи поети од Република Македонија, во избор и превод на Роман Кисјов.

– Преку 385 песни од 42 значајни поетски имиња од сите генерации се застапени во неодамна издадената книга во Бугарија, со наслов „Портал на Сонцето”. Насловот на книгата е инспириран од истоимената песна на Биљана Станковска, посветена токму на Кокино и преведена и застапена во овој обемен книжевен труд, соопшти КИЦ на РМ во Софија.

За делото на Кисјов ќе зборува и Мартин Христов од бугарското книгоиздателство „Ерго”, а се очекува и присуство на неколкумина познати македонски писатели. Стихови, во придружба на гитара, ќе интерпретираат Ѓорги Георгиев-Антика и Тодор Тодоров. На двата настана ќе се обрати директорот на КИЦ на РМ во Софија Васко Шутаров.

Гостувањето на изложбата посветена на Кокино во Софија, како и преводот на книгата „Портал на Сонцето”,  финансиски се поддржани од македонското Министерство за култура.

Најчитани вести