Што мисли тој кога сака да направите пауза во врската?

„Мислам дека треба да направиме пауза“ – реченица којашто може да ја фрли во шок и паника секоја девојка и во нејзината глава да отвори милиони прашања, меѓу кои и најгласното „Што всушност мисли тој?“.

Прочитајте неколку можни одговори на тоа прашање за да можете полесно да се справите со кризата во врската популарно наречена пауза.

  • Сака разделба, но не знае како да ви каже. Најболната варијанта е да престанал да ве сака и не е доволно храбар да каже крај, па почнува да ја „крши“ врската со барање повеќе простор за себе. Паузата може да ја користи како инструмент за да ве чува како резерва во случај да се почувствува осамен откако ќе се разделите.
  • Фрлил око на некоја друга. Можно е тој да има на ум некоја друга, па сака да си се проба кај неа, онака со чиста совест, слободен. А, со тоа што од вас побарал пауза, а не крај, си остава простор да ви се врати ако не му успее новиот освојувачки поход.
  • Смета дека врската ви е досадна и монотона. Потребно е да се преиспитате себеси и вашето однесување. Преиспитајте го и вашиот сексуален живот. Тој е еден од столбовите за успешна и здрава врска. Можеби токму монотонијата е таа што го поттикнала вашиот партнер на ваков чекор.
  • Му одите на нерви со притисокот за поголемо обврзување. Психичкиот притисок што му го вршите на партнерот е можна причина за неговото непожелно однесување. Тоа што постојано зборувате како ќе изгледате на вашата свадба, колку деца сакате да имате со него, итн. може да го исплашат, особено ако е не е подготвен или не сака сериозна врска со вас.
  • Не сте омилени кај неговата мајка. Ако човекот до вас е приврзан за мајка си, можно е и таа да влијаела на неговата одлука за пауза во врската. Сетете се како сте се однесувале на средбата со неговите, дали имате добра комуникација со неговата мајка. Голема е веројатноста мајката да поттикнува вакви чекори, посебно кај мажите со недоволно изграден карактер.
  • Неговите другари го фрлаат во искушение. Ако во неговото друштво единствено тој е со статус „во врска“, тогаш можеби вината за вашата пауза лежи во неговите другари. Него можеби му е тешко да ги одбие поканите за луди забави, или пак, сè уште не е доволно зрел и не сака да се откаже од бурниот ноќен живот. Постои веројатност тој да сака да собере уште љубовно искуство пред да влезе во сериозна врска.
  • Сака да покаже дека контролата е во негови раце. Тој може да ја користи паузата како нефер метод да покаже дека ја поседува контролата во вашата врска. Размислете, додека сте на пауза тој може да прави што ќе посака, а вам ви останува да чекате да ја чуете неговата одлука и да се мачите со мислите „Како да постапам?“,„Што мисли сега тој?“.

Според истражувањата, во најголем број случаи фразата „Ни треба пауза“ е всушност предвесник на раскинување зашто на човек не му треба да е надвор од врска за да сфати дали сака да биде со некого или не. Напротив! Во секоја здрава врска партнерите треба да се чувствуваат доволно комфорно за да не им е потребно да бараат дополнителен простор.

Мал број мажи по паузата им се враќаат на партнерките. Најчесто ја користат оваа тактика за да се ослободат од врската и полека безболно да исчезнат. Сепак, останува можноста тој да се соочува со сериозен проблем во неговиот живот, па да сака прво да се справи со него, а потоа да се посвети на вашата врска.

КАКО ДА СЕ ОДНЕСУВАТЕ ВИЕ?

Кога вашиот партнер ќе посака „малку повеќе простор“, „кратка пауза“, „време за да може да си ги среди мислите“, не се противете, не паничете и не очајувајте. Дури и тоа да ве вознемири, покажете смиреност и во никој случај не започнувајте да го молите да се откаже од неговото барање. Почитувајте го своето достоинство и одмерено кажете му дека се согласувате. Добро е да го прашате зошто чувствува дека му е потребна пауза, но ако веднаш не ви даде конкретен одговор, не настојувајте.

За време на паузата не се обидувајте да стапите во контакт со него. На крајот на краиштата, тој побара пауза и тој треба да го направи првиот чекор назад кон вас. Фрлете ја топката кај него. Доколку навистина ве сака, треба да се потруди повторно да ве придобие.

Искористете ја паузата за забава со вашето друштво, а во одредена мера и за истражување на можностите за нов партнер.

И што е најважно, очекувајте сè. „Паузата“ е недефиниран поим и многу жени по започнувањето на пауза во врската ги откриле своите партнери во прегратката на друга (обожавателите на „Friends“ ќе се потсетат на случката со Рос и Рејчел).