„25 години независна Македонија – Што научивме за македонската економија, како понатаму?“

бдп

– На конференцијата сакаме да ги слушнеме мислењата за стратешките економски прашања за иднината на Република Македонија и да се  истражи просторот за да се изгради консензус околу најважните економски прашања. Македонија е мала земја за да може да си дозволи да биде поделена меѓу другото и по стратешките економски прашања. Мораме да дефинираме црвени економски линии за кои ќе постигнеме консензус и кои ќе бидат приоритет на долг рок, рече Зоран Јовановски од бизнис магазинот „Економија и бизнис“, организаторот на денешниот настан, во поздравниот говор.

Тој посочи дека е неопходно да се чуе гласот на бизнисот и да се договориме какво општество сакаме, која е крајната цел,  кои се основните постулати во градењето на економските политики и да се оцени каква патека треба да заземе Македонија во однос на регионалното економско интегрирање.

Модераторот Глигор Бишев нагласи дека во изминативе 25 години во Македонија БДП кумулативно пораснал за 60 отсто, а БДП по жител од 7.500 пораснал на 14.600 долари.

– Стапките на реален раст на БДП беа доста варијабилни иако постои поврзаност со намалувањето на стапката на невработеност има каснење од две до три години кога растот се одржува и невработенста се намалува. Од друга страна  најмногу невработеноста паѓа кога имаме успорување на економскиот раст, рече Бишев.

Македонија, додаде, денеска има БДП по глава на жител кој е 32 отсто од просекот во ЕУ.

Гувернерот Димитар Богов порача дека идниот развој на  земјава треба да се базира на инвестициите и продуктивноста и додаде дека во иднина на пазарот на трудот ќе бидат барани занимањата поврзани со програмирање и инженерство. Доколку земјава не создава такви кадри не ќе може да се привлечат високопродуктивни индустриски гранки.

– Оваа година новите капацитети ќе имаат нето износ од 4 проценти од БДП. Факторите на растот се познати – работната сила, инвестициите, продуктивноста во поширока смисла. Мораме растот да го базираме на инвестициите и продуктиивноста. Занимањата кои денеска ги креираме за 15 години нема да бидат потребни затоа треба да размислуваме кои ќе бидат занимања на иднината, рече Богов.

Тој посочи дека мора да се создаваат работни места кои ќе бидат барани во иднината ако  сакаме да го задржиме чекорот на раст и да ја зголемуваме конвергенцијата кон развиените економии.

– Кај земјите кои направија најголем напредок во измнатите години извозот во БДП се движи од 70 до 90 отсто, а во  Македонија годинава ќе достигне 50 отсто. Единствен начин Македонија да расте побрзо и да конвергира е извозот како процент од БДП да расте. Да стигне до 70 отсто би било одлично, но за да дојде до тоа клучна улога играат странските директни инвестиции, рече Богов.

Во Македонија, истакна, многу мал број на компании извезуваат и многу тешко може да создаеме нови компании извозници. Токму затоа се потребни странски компании кои ќе го прават тоа.

– Доколку има можности за инвестирање во Македонија секако би се нашле пари. Домашниот банкарски сектор  засега е единствениот кој ја финансира економијата. Последните 8 години растот на кредитирањето е 7 до 9 проценти годишно што е една од највисоките стапки на раст во Европа. Но, ако гледаме во иднината не треба се да остане на банкарскиот сектор. Друг извор би бил пазарт на капитал кој за жал се уште не се користи за финасирање проекти во реалниот сектор, потенцира Богов.

Ако ги намалиме домашните ризици и направиме добар амбиент, нагласи, сигурно би можеле да привлечеме пари од странство со кои се финасираат бизниси.

Професорката на Универзитетот Амекрикан колеџ Скопје Никица Мојсоска Блажевски рече дека на прагот на четвртата индустриска револуција, која ќе донесе многу промени во начинот на живеење, неопходно е да се реформира системот на образование во земјава.

– Мора веднаш да се почне со реформи, почнувајќи со образованието кое во моментов воопшто не одговара на новите системи на раст и со создавањето на сектор во економијата кој ќе биде иновативен. Во економијата во моментов преовладуваат традиционалните сектори, но мора да почнеме да работиме на паралелен иновативен систем кој во иднина ќе овозможи да ги апсорбира работните места од традиционалните сектори, рече Мојсоска Блажевски.

Таа посочи дека несоодветноста на образовниот систем кој е фокусиран на создавање квалификации на формално образование при тоа заборавајќи ги вештините ќе придонесе да се создаваат кадри за кои за 15 години ќе нема работни места и нагласи дека е неопходно образованието да се фокусира на создавање кадри за работни места кои ќе бидат потребни во иднината.

– Според статистиките 65 проценти од децата кои сега се запишале во основно  образование ќе работат на работни места кои денеска не постојат. Треба да се развијат системите за доживотно учење и постојано да се работи на тренинзи и обуки, рече Мојсоска Блажевски.

Најзиниот колега Марјан Петрески посочи дека на среден до долг рок клучно за македонската  економија ќе биде да може да ги поврзе странските фабрики кои донесуваат повисока технологија и поинакви вештини со домашните компании кои треба да ја подигнат својата технолошка граница и во даден момент да бидат носители на растот.

– Добро е да се задржи политиката на привлекување директни странски инвестиции, но со фокусирање на  нивно поврзување со домашните претпријатија и целосна транспарентност во делот на она што се троши за да се привлечат. Спојката меѓу странските и домашните компании треба да биде потпомогната со политика на Владата, а сега е вистинско време за тоа, рече Петрески.

Тој посочи дека е неопходно во оваа фаза да има дефицити во Буџетот бидејќи, како што истакна, суфиците можат да бидат поопасни, но додаде дека е неопходн да се знае за што се трошат дефицитите.

– Неопходно е земјава да се развива и тој развој мора од некаде да се финасира вклучително  и со генерирање дефицити во Буџетот, меѓутоа дефицити разумно потрошени. Во општеството треба да се изгради консензус што сакаме да постигнеме и како тоа ќе го финасираме, рече Петрески и нагласи дека треба веднаш да се прекине со финасирање на непродуктивни проекти.

Генералниот директор на групацијата Фероинвест Кочо Анѓушев порача дека не е против странските инвестиции но, како што рече, неопходно е да се знае што добивме од нив и колку не чинеше.

– Во изминативе 25 години не направивме атмосфера на претприемаштво во државава во која младите луѓе ќе се наптреваруваат и домашните претприемачи да бидат позитивен пример за нив. Во иднина треба да се потпреме повеќе на домашните сили и да кажеме дека во Македонија има позитивни примери кои би можеле да бидат потпомогнати, рече Анѓушев.

Миловоје Ѓорѓевиќ од ФХЗХ истакна дека во изминатите 25 години се направени доста чекори кои се во позитивна насока, но додаде дека е потребно и понатаму многу брзо да се напредува.

– Некогаш во бизнисот не е потребно само да имате безбедна варијанта, туку треба да се влегува и со ризик и да се направат порадикални чекори за порадикални промени. Раздвижувањата во економијата се малку бавни во моментов за нас ако сакаме да ги стигнеме тековите на светската економија, рече Ѓорѓевиќ.

Тој посочи дека во 21. век информатиката е водечка во светски рамки и додаде дека Македонија треба да најде патишта како да ги оформи и стимулира младите ИТ компании.

Неби Хоџа, претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија порача дека како комора го застапуваат бизнисот на албанската заедница во земја, кој, како што рече, со многу тешкотии и со свои сили опстана во изминатите 25 години. Побара поголема транспарентност и отчетност на властите и подобрување на патната инфраструктурата.

– Политичарите треба да се насочат кон капиталните инвестиции кои носат бенефит за стопанството и бизнисот. Најголем проблем  за бизнисот во Македонија е инфраструктурата. Бараме и инсистираме да се изгради автопат кон Косово, бидејќи  би носел голем бенефит за стопанството, рече Хоџа.

Нагласи дека во 2011 година Македонија  имаше 550 милиони евра извоз во Косово и 30 милиони евра увоз, а сега трговската размена изнесува само околу 200 милиони евра. Тоа, како што посочи, се должи на изградбата на автопатот од Косово кон Албанија со што се зголеми економската соработка меѓу двете земји.