Се менува ликот на македонската железница

железница

Квалитетот на железничкиот транспорт е подигнат на многу повисоко ниво од претходно, а резултатите се веќе видливи. Инвестицискиот циклус во железницата е вреден повеќе од 600 милиони евра.

-Децении и децении наназад чекавме кога по нашите пруги ќе возат модерни возови како во развиените земји. Тоа сега се случува, бидејќи ние она што го ветивме пред граѓаните го остваруваме, вели министерот за транспорт, Владо Мисајловски.

Набавката на патничките возови е вредна 25 милиони евра, пари кои се вложија во дизел и електрични гарнитури, произведени во Кина по сите светски стандарди. Набавката се реализираше со кредит од Европската банка за обнова и развој.

-Македонски железници, согласно проектот на Владата, до крајот на годинава најави шест нови возови, од кои четири веќе пристигнаа и се пуштени во сообраќај, вели првиот човек на ЈП МЖ – Транспорт, Никола Костов.

Со набавените возови се покриваат 60 проценти од линиите во земјава, со што значително се освежи железничкиот транспорт. Вкупниот капацитет на шесте возови е 1.200 патници.

Електричните композиции сообраќаат по Коридорот 10, каде што е електрифицирана пругата, додека четирите дизел композиции се наменети за пругите кои не се електрифицирани.

-Жално е што ниту една Влада не се сетила на Македонски железници, на македонските патници и станици, но горди сме што стартуваме со крупни проекти кои го подобруваат имиџот на железничкиот сообраќај во Република Македонија, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Товарни вагони за полесен транспорт на стока

Освен во патничкиот се инвестираше и во товарниот железнички транспорт. Веќе се набавени и пуштени во употреба новите 150 товарни вагони, инвестиција вредна над 13 милиони евра.

-Со новите товарни вагони се зголемува искористеноста на железницата, бидејќи како бизнисмени знаете дека стоката ќе стигне сигурно и навремено до крајната дестинација, вели бизнисменот Аце Антевски.

Груевски најави нови проекти за железницата

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, најави нови проекти за македонската железница и целосна обнова на возниот парк, што подразбира набавка на нови вагони.

-Ние веќе се подготвуваме за во новата Влада, работејќи на целосна обнова на возниот парк на Македонски железници. Во рамките на овој проект се планира да се набават вкупно пет возови и тоа: три нови дизел возови и два нови електромоторни воза. Ќе инвестираме вкупно 22,5 милиони евра. За поефикасен транспорт на стока и за поефикасен транспорт на патници, а во рамките на проектот за обнова на возниот парк ќе се набават и три нови електрични локомотиви, за што ќе инвестираме дополнителни седум милиони евра.  Значи, вкупно ќе инвестираме околу 30 милиони евра за нови возови и локомотиви за Македонски железници, изјави лидерот на владејачката партија, Никола Груевски.

Според директорот на МЖ – Транспорт, овој проект ќе значи комплетна обнова на возниот парк, што значително ќе влијае врз квалитетот на услугите. Ако порано патувањето со воз беше синоним за лошо искуство, сега работите се целосно променети.

-Најавени се пет нови возови за 2017 година, но и дополнителни седум милиони евра за набавка за три електрични локомотиви. Ова значи 100 процентно обновување на железничкиот сообраќај и подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните на Република Македонија. Сепак, обновата на возниот парк нема да значи и повисоки цени за граѓаните. Цените ќе останат исти, онака како што беше и ветено, вели Костов.

Во изминатиов период значителни средства се вложија во репарација и во одржување на возниот парк. Набавката на новите возови нема да значи дека старите кои се во возна состојба ќе бидат фрлени, напротив, ќе се користат на кратки релации.

Мисајловски: милиони во инфраструктура

Милиони евра се вложуваат во подобрување на железничката инфраструктура, во обнова на железничките станици, во рехабилитација на делниците, но и во изградба на нова пруга кон Бугарија.

-Реалноста е видлива на терен. Работиме на изградба на пругата од Куманово до Бељаковце, проект вреден 40 милиони евра. Во тек е тендерот за избор на фирма што ќе ја гради делницата од Бељаковце до Крива Паланка, за оваа делница веќе обезбедивме 147 милиони евра и очекуваме идната година да започне изградбата. Во меѓувреме го проектираме и последниот дел од поврзувањето со Бугарија, од Крива Паланка до Деве Баир, очекувам со изградба да се почне во 2017 година. Исто така, кон Албанија е во тек проектирањето на нова пруга од Кичево до границата. Железничкото поврзување на Коридор 8 е еден од приоритетите на оваа Влада и во наредниот период особено внимание ќе дадеме на реализацијата на овие капитални проекти. Нашите проекции се дека во 2022 година ќе имаме нова пруга на Коридор 8, објаснува министерот за транспорт, Владо Мисајловски.

Паралелно, со поддршка од ЕБОР се пристапи кон обнова на депото на Железница, што е главен предуслов за нормално и редовно сервисирање, на локомотивите, патничките и на товарните возови.