Нивото на емисии на јаглерод диоксид стабилни трета година по ред

јаглерод

Во научниот труд, дело на унверзитетот „Источна Англија“ и Проектот „Глобален Јаглерод“, се наведува дека во текот на оваа година количеството на јаглерод диоксид ослободено во атмосферата е само за 0,2 отсто поголемо во споредба со 2015 година.

Лани годишните емисии на јаглерод диоксид останале на исто ниво како и во 2014 година, кога ослободувањето на овој штетен гас, што го предизвикува ефектот на стаклена градина, се зголемило за 0,7 отсто во споредба со претходната година.

Според авторите на студијата, главна причина за стабилното ниво на глобалните емисии на гасот во последните три години, најверојатно се должи на намаленото користење на јаглен во Кина, која е еден од водечките светски загадувачи.

Научниците утврдиле дека годинава емисиите на јаглерод диоксид во Кина се намалиле за 0,5 отсто, а во САД за 1,7 проценти.

– Трета година по ред имаме речиси нулто зголемување на емисиите на јаглерод диоксид, што е настан без преседан во време на забрзаниот економски раст, оцени раководителката на истражувачкиот тим што ја изработи студијата, Кортни Ле Квер.

Таа нагласува дека ваквите резултати се охрабрувачки и претставуваат голема помош во борбата против климатските промени, но сепак додава дека тоа не е доволно.

– Сега е потребно од спречување на растот на емисиите (на јаглерод диоксид), да преминеме на нивно брзо намалување, истакнува Ле Квер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.