Ветувањата на Заев за федерализација, дел од програмата на СДСМ

албанците

Најавите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев за федерализација, за проширување на рамките на Охридскиот договор, за воведување на двојазичност на целата територија на Македонија се дел од програмата на Социјалдемократскиот сојуз.

Иако Заев негира дека ветува федерализација на Македонија, токму програмата на СДСМ го демантира.

Трајко Вељановски од ВМРО ДПМНЕ вели потврда за ваквите намери на Заев може да се прочитаат во памфлетот што СДСМ го нарекува програма во делот каде се предвидува редефинирање на организација на безбедносните структури, моделот на образование, културна политика, образованието и локалната самоуправа.

„Сите суштински елементи на Македонија каква што денес ја имаме. СДСМ предвидува трансферирање на дел од надлежностите на полицијата околу одржувањето на јавниот ред и мир и сообраќајот од централната на локалната власт. Со други зборови формирање на локални полиции во Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево, Струга, Липково или Арачиново. СДСМ предвидува реорганизација на локалната самоуправа или како што самите наведуваат на страна 164, цитирам: „Ќе воведеме политипни општини со различни надлежности, во зависност од големината и изградените капацитети и моќта да генерираат сопствени приходи, или со поделба на надлежностите на задолжителни и изборни“. Ова е веројатно територијалната реорганизација по урнек на Швајцарското кантонално уредување што го ветуваше Заев.

Во програмата на СДСМ се најавува и мултикултурен модел на образование, како и  децентрализирање на социјалната заштита, управување со земјоделското земјиште, шумите и пасиштата, но и менување на етноцентричниот модел на култура

„Граѓаните мора да го знаат ова. Граѓаните мора да знаат дека на 11-ти декември одлучуваат меѓу унитарна и суверена Македонија или двојазична, кантонизирана и федерализирана Македонија. Граѓаните мора да знаат дека на 11-ти декември одлучуваат меѓу концепт кој обезбедува сигурност и заштита на највисоките национални интереси и концепт кој води кон разградување на државата за која животите ги дадоа илјадници, илјадници Македонци“, вели Вељановски.

На ова реагираа и од Самостоен синдикат за образование, наука и култура и Федерацијата на фармери.

„Тоа е само отворање на вратата за федерализација и тоа е само првиот чекор за распаѓање на државата, за поделба и на оној дел од државата што ја имаме од вкупниот дел како Македонија познати во етничките граници“, вели Дојчин Цветановски од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).

„Двојазичноста во Република Македонија и поделбата на наши и ваши е неприфатливо“, вели Никола Стаменов од Федерацијата на фармери на Република Македонија.

Првиот човек на СДСМ, пак синоќа од Аеродром порача дека федерализацијата ја имало само во главата на Груевски и дека никогаш нема да го смени Уставот. Ваквото тврдење на Заев е контрадикторно на неговата неодамнешна изјава во телевизиско интервју каде рече дека кога ќе дојде време ќе биде направена и уставна промена за воведување на двојазичност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.