Планот за живот во Македонија на СДСМ со украдени и веќе реализирани проекти

Во предизборната програма на опозицискста СДСМ може да се прочита проект за задржување на младите во руралните средини, на тој начин што младите земјоделци до 35 години ќе добиваат зголемена финансиска поддршка за 10 отсто од основниот износ на субвенциите, пет години од периодот на започнување со земјоделска дејност. „Младите земјоделци до 35 години ќе ги ослободиме од закуп на државно земјоделско земјиште во период од првите 3 години и ќе обезбедиме зголемено учество на државата во трошоците за земјоделска механизација“, стои во програмата „План за живот во Македонија“.

Ова е само еден од проектите кои се дел од програмата на СДСМ, а кои се пресликани од ВМРО-ДПМНЕ и кои веќе се реализираат. Имено преку мерката „Млад земјоделец“ на младите земјоделци од 18 до 40 годишна возраст кои сакаат да почнат сопствен бизнис државата им помога со неповратна финансиска помош до 600.000 денари. Средствата можат да се искористат за дополнителна набавка на добиток, изградба на фарми, приклучна механизација. Исто така државата веќе обезбедува и финансиска помош за набавка на земјоделска механизација, нешто што СДСМ го нуди во актуелната програма за претстојните предвремени парламентарни избори. Со мерката 50-50 се дава финансиска поддршка во висина од 50 отсто за набавка на трактори и земјоделска механизација за житни и индустриски култури во висина на поддршката до 3,5 милиони денари по корисник. Кофинансирањето се зголемува на 55 отсто ако носител е млад земјоделец, на 60 отсто за подрачја со ограничени можности, на 65 отсто ако е млад земјоделец во подрачја со ограничени можности и 75 отсто доколку инвестицијата е во недостапни рурални заедници.

Таканаречениот „План за живот во Македонија“ освен што содржи голем број проекти кои се во фаза на реализација како препишани идеи од програмата на ВМРО-ДПМНЕ, е полн и со мерки и проекти без аналитичко и сериозно навлегување во нивната суштина, коментираат аналитиларите, поради што, велат тие, се добива впечаток дека партиските решенија за одредени проблеми се извлечени од ракав. Планот на СДСМ содржи и многу препишани идеи од програмата на ВМРО-ДПМНЕ, многу работи кои веќе се реализирани или е во тек нивно довршување. До кој степен е несериозно напишаното во планот на СДСМ зборува, на пример, оваа реченица: „Ќе овозможиме секој млад човек да добие понуда за вработување, можност да го продолжи образованието, да добие пракса или тренинг за подготовка за вработување, во период од четири месеци по завршување на школувањето. Со ова овозможуваме активност на секој млад човек, веднаш по завршувањето на високото образование и отвораме пат за нивен професионален развој“. Што тука е ново, што тука е понуда? Што од сево ова младите не го уживаат и денес во Република Македонија?, посочува во изјава за Нетпрес универзитетската професорка Тања Каракамишева-Јовановска.

Според неа програмата „За живот во Македонија“ содржи наводни решенија за проблеми на граѓаните, кои токму тие како партија им ги наментанле во минатото и тоа, како што потенцира, без сериозна анализа и образложение како ќе го напрват тоа.

Во планот СДСМ зборува за егзистенцијата на стечајците!? Или поточно егзистенција за сите стечјци. Велат, „во првите 100 дена од мандатот, ќе донесеме закон со којшто ќе бидат финансиски обезбедени сите стечајни работници“. Да не е трагично, ќе беше смешно. Партијата што го направи најголемиот стечаен бунар во државата, партијата што ги уништи семејствата на над 200.000 работници во државата поради катастрофалните приватизациски политики, партијата која остави без работа и без егзистенција повеќе од 300.000 луѓе ако се земат предвид и членовите на потесното семејство на секој отпуштен работник, сега после 15 години им нуди гола егзистенција. Навистина е премногу, дури и за СДСМ“, подвлекува Каракамишева-Јовановска.

Во делот од програмата посветен на замјоделството пак, опозиционерите како државна помош за замјоделците наведуваат дека ќе ги зголемат субвенциите на 160 милиони евра годишно. Но, како што појаснуваат политичките аналитичари и тука ќе нема што да зголемуваат, бидејќи во буџетот за 2017 година за земјоделците веќе се предвидени 176 милиони евра за субвенции и капитални инвестиции.

Изминатите години пак, за земјоделците веќе беше обезбедена финансиска поддршка во висина од 115 милиони евра во 2011 година, по што помошта растеше на 130 милиони евра во 2012, 135 милиони евра во 2013, 140 милиони евра во 2014, за да во 2015 година достигне до 150 милиони евра за субвенции во земјоделството.

Во програмата „За живот во Македонија“ се предвидува и поголем опфат на децата од 4 до 6 годишна возраст во предучилишно образование.

Сегашниот опфат на децата од 0-6 години во предучилишно образование, во просек, е само 23 отсто, кај помалите етнички заедници тој опфат е под 10 отсто. Тоа е недоволно и има негативно влијание врз идниот развој на Република Македонија. Ќе го кофинансираме секое зголемување на капацитетот на детските градинки во целата држава. Нашата цел е процентот на деца опфатени со предучилишно об- разование да се зголеми за 50 отсто во период од 4 години. Ќе направиме прецизен План за проширување на мрежата на градинки низ Македонија. Со инвестицијата ќе опфатиме реконструкција и изградба на нови гра динки, во голем број на урбани и рурални општини, стои во предизборната програма на СДСМ.

Но, ваков проект кој предвидува изградба на најмалку 140 државни детски градинки, од кој 100 комплетно нови градби, а 40 детски градинки е предвидено да бидат отворени во постоечки а не искористени државни објекти од како претходно ќе се инвестира во нивно реновирање и адаптирање, уште пред два месеци најави лидерот на владејачката партија, Никола Груевски ии истиот е дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ за периодот 2017-2020-та година.

Проектот предвидува капацитетот за згрижување на деца од предучилишно образование да се зголеми за околу 15.000 деца на државно ниво, а приоритет, како што нагласи првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, најавувајќи го проектот ќе имаат општините кои имаат најголема потреба од нови капацитети за згрижување, кои што досега имаат и најголема листа за чекање како во Центар, Струмица, Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром, Гази Баба, Карпош,  Кисела Вода, Битола, Штип, Чаир, Кавадарци, Струга, Прилеп, Делчево, Тетово, Гостивар, Охрид, Велес и други.

Споредбено со периодот пред доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2006 година oпфатoт на деца во градинки од 0 до 6 години изнесувал околу 9 отсто, а во 2016 е зголемен и изнесува околу 26 отсто односно речиси трикратно зголемување. Додека пак опфатот на деца од 3 до 6 години до 2006-та изнесувал само околу 12 отсто, а генерално според последните податоци изнесува околу 40 отсто, што е и повеќе од трипати зголемување за овој период од 10 години.

Како резултат на заложбите на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, како што тогаш појасни Груевски, само во последните 7 години отворени се 13 јавни општински установи-детски градинки, 17 објекти и 22 групи во други просторни услови кои работат како градинки и ја имаат истата функција, или севкупно отворени се 52 градинки. Освен отворање на нови државни предучилипни установи, дополнително, се развива и приватната иницијатива, односно владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ веќе го помага и поттикнува отворањето на приватни градинки преку грантови од 10.000 евра.

Дека програмата на СДСМ воопшто не изобилува со иновативни мерки и идеи, говори и податокот што во делот посветен на железничкиот сообраќај, во „Планот за живот во Македонија“ е наведено дека „Новата влада ќе ги насочи своите ресурси за подобрување на состојбите во овој многу важен сектор со инвестиции и модернизација во железничката инфраструктура, обновување на возниот парк, инвестиции во делот на безбедноста во сообраќајот преку осигурување на патни премини и соларни железнички станици“.

Но, преку значителни инвестиции во железниците, направени во изминативе години по цели 38 години за првпат се набавени нови патнички железнички возови, а податоците покажуваат и дека железничкиот сообраќај во текот на 2016 година, е обновен за 60 отсто. После набавката на 150 товарни вагони во вредност од 13 милиони евра и набавката на 6 нови патнички возови, за кои се инвестирани 25 милиони, инвестицискиот циклус во обновата на возниот парк на македонски железници продолжува и идната година, за кога веќе е најавена набавка на пет нови возови, три дизел и два електро моторни возови, како и три електрични локомотиви, со што патниот железнички сообраќај ќе биде целосно обновен.

Па оттука, како што велат аналитичарите, обновувањето на возниот парк прдвидено во програмата на СДСМ, ќе биде излишно, исто како и модернизацијата на железничката инфраструктура, бидејќи досега веќе се реконстрирани 8 железники станици, а во фаза на реконструкција се уште две, а според најавеното долж Коридорот 10 ќе бидат реконстрирани вкупно 15 железнички станици.

Политичките аналитичари коментираат и дека за разлика од планот на СДСМ кој, како што велат, содржи генерални, воопштени констатации и воопштени решенија кои можат да се сфатат и вака и онака, во програмата на ВМРО-ДПМНЕ можат да се видат проекти од 17 различни области со детален, севкупен опис на секој елемент од проектот, со детална дескрипција на постојната состојба, со детален план што ново се планира да се направи, изгради, купи, санира, од кои средства, во кој рок се планира да финишира секој проект.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.