Македонија,Економија

Решен проблемот со тутунопроизводителите и откупот за следната година

Решен проблемот со тутунопроизводителите и откупот за следната година

Ниту еден тутунопроизводител нема да се соочи со проблеми при откупот на тутун за следната година, истакна денеска вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, по средбата со тутунопроизводителите и откупувачите во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Вкупно има 34.600 лица кои што во 2013-та година склучија договори, од кои што во првите две групи има најмали количини, во кои спаѓаат 24.500 лица.

„Најдовме едно оптимално решение со кое што решаваме повеќе проблеми во исто време. Прво се договоривме секој тутунопроизводител кој што во 2013-та година имал склучен договор за откуп на тутун да има договор за откуп за тутун и за 2014-та година. Ниту еден тутунопроизводител да не остане без склучен договор. Второ, се договоривме пропорционално да се изврши усогласувањето на количините, при што ги заштитивме тутунопроизводителите кои што го произведуваат тутунот од егзистенцијални причини“, рече Ставрески, кој нагласи дека и оваа година откупувачите им излегоа во пресрет на тутунопроизводителите и ја откупија целата количина за 2013-та година.

Во првите две групи, како што нагласи тој, се оние тутунопроизводители кои од егзистенцијални причини ја одгледуваат оваа култура.

„Првата група се производители до 500 килограми и тука имаме 10.726 лица и за нив се договоривме за 2014-та година да немаат никакво намалување на количината. Значи овие 10.726 лица ќе склучат исти договори како што имале за 2013-та година. Слично е и со втората група во која што произведуваат од 501 до 1.000 килограми, тоа се 13.803 лица, за нив ќе има само петпроцентно намалување во однос на количините од 2013-та година“, рече Ставрески, потенцирајќи дека за овие две групи граѓани нема речиси никакво намалување.

Во следните категории на поголеми производители ќе има и соодветна и сразмерна количина за намалување.

Проблемот е во тоа што светската побарувачка на тутун е намалена, а за тоа има повеќе причини, па поради тоа има реален притисок врв тутунопроизводителите да го намалат откупот бидејќи немаат каде да ја пласираат целокупната количина. Оддруга страна е интересот на тутунопроизводителите да се склучат договори со сите кои што оваа година имаа склучено договори да можат и следната година да склучат договори со откупувачите.