Одлуката за барањето за екстрадиција на Харадинај од Франција во Србија одложена за 2 март

Судот во францускиот град Колмар за 2 март го одложи донесувањето на конечната одлука  за барањето на Белград поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај, кој беше уапсен во Франција, да и биде предаден на Србија за да му се суди за воени злосторства сторени за време на косовскиот конфликт, пренесе Танјуг.

На денешното сослушување во судот Харадинај се изјасни против екстрадицијата во Србија, изјавувајќи дека барањето на Белград е „политичко“. Тој пред судот изјави дека не вршил злосторства, туку ги штител цивилите Албанци.

Адвокатот на Харадинај, Аријан Коци, изјави дека очекува барањето за екстрадиција да биде отфрлено и неговиот клиент да се врати во Косово.

Во судската сала присуствуваа мноштво приврзаници на Харадинај.

Поранешниот косовски премиер и лидер на опозициската партија Алијанса за иднината на Косово беше уапсен во Франција на 4 јануари по меѓународна потерница за апсење, издадена од Србија. Белград ја побара неговата екстрадиција за да му се суди по обвиненија за воени злостроства за време на косовскиот конфликт во 1998-1999 година.

По краткиот престој во притвор Харадинај беше пуштен на слобода во очекување на конечната одлука на судот. Француските власти, меѓутоа, му изрекоа забрана за напуштање на земјата.