Ѓорѓиев: Се бориме за секое работно место, Димова дезинформира

Обвинувањето на Лидија Димова дека наводно сме исплатиле три милиони евра кон една странска компанија е неосновано, груба дезинформација и ноторна лага, што говори за немањето кредибилитет и конзистентност во нејзините и во ставовите на СДСМ, рече портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, реагирајќи на тврдењето на Димова.

„Не три милиони евра, туку ниту еден денар нема Владата исплатено кон странската компанија која беше посочена. Госпоѓата Лидија Димова излажа дека сме префрлиле три милиони евра кон една странска компанија. Разбираме дека нема познавање во областа на привлекување странски инвестиции и затоа со чувство на фобичност гледа на нашите заложби за привлекување странски инвеститори, се излетува и манипулира со податоци. Но, тоа не може да биде оправдување за тоа што говори невистини и пласира дезинформации во јавноста”, изјави попладнево владиниот портпарол.

Додаде дека Димова денеска заборавила да истакне дека Владата уште вчера соопштила дека уредно и навремено ги презела сите процесни претпоставки во врска со разгледувањето на овој случај, како и дека посветено се бори за секоја инвестиција и за секое новоотворено работно место. „Бидејќи Димова нема искуство во оваа област, не може да разбере дека ние посветено се бориме за секое новоотворено место, за секоја странска инвестиција, какви што досега има 20 и 20 останати се очекуваат да дојдат во оваа година. Досега преку странските инвестиции се отворени шест и пол илјади работни места и се очекува во 2014 преку нив да бидат отворени уште 10.000 работни места”, рече Ѓорѓиев