ВМРО-ДПМНЕ: Нови парламентарни избори се решение за кризата

ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека единствено решение за излез од политичката криза во која СДСМ ја втурнал Република Македонија се нови предвремени парламентарни избори.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, како што посочуваат од партијата, може да тргува со сопствените интереси и со интересите на партијата што ја води се додека има поддршка од „уценетото криминогено раководство“ но, не може и не смее да тргува со националните и државни интереси само за да си ја спаси кожата и да не одговара за криминалите што ги сторил.

– Народот секојдневно гледа како полицијата апси трговци на дрога, лица со кои тој работел во кампања. Народот воочи дека аболицираниот криминалец Зоран Заев е спремен на се, само за да дојде до власт за да се спаси од крималниот прогон. Аболицираниот криминалец Зоран Заев ја прифати неуставната тиранска платформа во која се пропишува целосна двојазичност и промена на името по грчки терк. Со реализација на неуставната тиранска платформа, Зоран Заев го прави првиот чекор кон федерализација на Република Македонија, се вели во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Затоа, додаваат оттаму, ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлило уцените и ја отфрлило тиранската платформа и јавно соопштило дека нема намера да формира влада по секоја цена.

– ВМРО-ДПМНЕ ја разбира загриженоста која стотици илјади граѓани секојдневно ја покажуваат низ целата земја. Народот се чувствува навреден и изигран од страна на СДСМ, кој пред изборите најавуваше план за живот, а после избори започна да реализира план за разнебитување на Македонија, базиран на неуставната тиранската платформа, се додава во соопштението.

Во него се посочува и дека граѓаните се чувствуваат излажани и изиграни, бидејќи СДСМ под превезот „За живот“ им донел двојазичност и федерализација на државата и оти тоа е причината поради која народот е на нозе и поради која Македонија се буди.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.