30 години затвор за обвинетите за кражбата во Музејот на Македонија

Вкупно триесет години затвор добија седуммината обвинети за кражба на артефакти од Музејот на Македонија откако утрово во Основен суд 1 Скопје е објавена пресудата против нив.

Поранешниот директор на Музејот, Перо Јосифовски, доби највисока казна од 8,8 години.

Роднините на обвинетите нервозно реагираа и тврдеа дека случајот е монтиран.

-Три години затвор за мене се исто како смртна пресуда. Јас не сум роден да лежам во затвор, јас ќе умрам во затвор. Тие тоа и го сакаат. Поздрав од ова место на инспекторот, велеинспекторот, полицаецот Бојиќ, експертот за овие работи. Ниту арамија бараа, ниту злато бараа, бараа крв за јавноста и еве ја крвта за јавноста – нема сторители на делото, го нема златото, изјави Јован Кондијанов, обвинет.

– Ова е еден голем медиумски настан за институциите на системот кои сакаат да ги оправдаат вистинските крадци кои се наоѓаат на слобода. Воопшто не се прават напори да се откријат тие крадци, а невини луѓе лежат во затвор. Притоа максимално изречената казна доведува до една поинаква порака до граѓаните дека подобро е да убиеш човек и да прошверцуваш 25 килограми хероин зошто ќе добиеш четири годни затвор отколку максимална казна предвидена со законот ако работиш чесно и придонесуваш за културното наследство со кое сите се гордеат, истакна Соња Петрушева, адвокат на Перо Јосифовски.

Обвинетите не одговараа за кражба на исчезнатите артефакти, туку за несовесно работење, злоупотреба на службената положба, отуѓување  и прикривање. Дел обвинителството ги товареше дека како резултат на несовесно работење дошло до кражбата на културно наследство со непроценлива штета на државата. Дел од обвинетите, членови на Комисијата за откуп на музејски материјал се товарат дека во неколку наврати откупувале монети од златарот без доказ за потекло. Обвинетите го негираа обвинението. Рекоа дека работеле совесно според законот и правилата во Музејот.

Денеска судиите укинаа притвор за  уште една обвинета додека останатите тројца кои се една година во притвор остануваат до правосилност на пресудата. На тројца обвинети од претходно им е укинат притворот.

1.Златко Видески                        6 години и 8 месеци
2.Софка Кушовска Сафитли     3 години
3.Перо Јосифовски                     8 години и 8 месеци
4. Часлав Кузмановиќ                 7 години и 8 месеци
5. Јован Кондијанов                    3 години
6.Дарко Кржоски                          1 година
7. Андреј Ежов                              1 година