Николоски: ЕУ да биде наша заедничка цел, а не тема за поделби

Во однос на јавните реакции за неговото именување за амбасадор и шеф на мисијата на Република Македонија во Европската унија, поранешниот пратеник Александар Николоски во средата се јави со реакција во којашто посочува дека темата ЕУ треба да биде онаа коајшто ги обединува македонските политички субјекти, а не којашто ќе води кон нови поделби.

Денешната писмена ракција, како што истакнува Николоски, има цел да укаже дека „одговорите на сите прашања лежат во Уставот на Република Македонија и Законот за надворешни работи”.

„Почитувањето на истите нема алтернатива. Исто така, врвен приоритет за Македонија е да се подобри нејзиниот углед во ЕУ што би го олеснило интегративниот процес, а тој углед во Брисел можеме да го подобриме само со широк политички и општествен консензус, а не со политикантски препукувања“, истакнува Николоски.

Додава дека како амбасадор на Република Македонија во ЕУ, ќе ги претставува сите македонски граѓани, сите државни институции и фактори и поради тоа не се кандидираше за пратеник на последните избори, и се повлече од сите функции во ПС на Совет на Европа, како и од сите партиски функции.

„Сметам дека за оваа битна дипломатска тема не е потребно медиумско надмудрување, туку координација и усогласување меѓу Претседателот на Република Македонија, премиерот, министерот за надворешни работи и мене како амбасадор. Така ќе ја поштедиме јавноста од јавни препукувања, а достојно ќе се усогласиме за интересите и угледот на Македонија во Брисел. Јас сум подготвен за тоа и во таа насока ќе се воздржам од секакви други јавни изјави во следиот период. Македонија во ЕУ нека биде нашата заедничка цел“, порачува Николоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.