Хан побара консензус меѓу власта и опозицијата за реформите

Мојата порака е да се конецентрираме на задачите што претстојат. Сите и опозицијата, релевантните инстутуции треба да работат на реформите државата да биде добро место за живеење на сите граѓани“, изјави еврокомесарот за соседска политика и проширување на Европската унија, Јоханес Хан на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев по средбите во понеделникот во Скопје.

„Ја поздравувам подготвеноста на Владата да работи со опозицијата за прашањата за евроинтеграции и подвлекувам дека за овие реформи потребен е консензус кој ќе се постигне низ институциите“, рече Хан.

Еврокомесарот Хан додаде оти забележал оптимизмот и нова поволна клима во земјата и се радува што тоа се случува по сите настани што ѝ се случија на земјата. Ги најави средбите со партиите застапени во Собранието и, како што рече, се надева на конструктивна улога од сите.

Според него, многу е значајно да се исполнат идните реформи и најави дека веќе од вторник во земјата ќе прстигнат експерти кои ќе помогнат подобро да се спроведат реформите. Хан ги оцени како позитивни чекори средбите на министерот за надворешни работи во Грција и на премиерот во Бугарија.

„Присуството на еврокомесарот Хан на седница на Владата, испраќа силен сигнал до сите во земјава дека европските перспективи на Република Македонија не се веќе далечен сон туку реалност на дофат“, рече премиерот Заев на заедничката прес-конференција која се одржа веднаш по владината седница на која присуствуваше и еврокомесарот Хан.

Заев посочи дека бил отворен важен реформски процес и оти неговата Влада заедно со еврокомесарот Хан прецизирала документ за реформите кои треба да се спроведат.

„Имаме намера наесен Европската комисија да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на преговорите за влез во Европската Унија. Ако дејствуваме заеднички, успехот ќе биде заеднички“, додаде Заев.

Еврокомесарот Хан пофално се изрзи за, како што ги оцени – огромните чекори, кои премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров ги направиле изминатиот период на средбите со нивните колеги при посетата на Грција и на Бугарија.

„Повеќепати беше нагласена важноста за спроведување на реформите, меѓутоа не само за да се задоволат очекувањата на Европската унија, туку овие реформи, пред сѐ, треба да се спроведат за да се подобрат условите за живот на граѓаните на Република Македонија“, истакна на прес-конференцијата Хан.

„Првпат присуствувам на седница на Влада на Република Македонија, се надевам ќе имам можност повторно да присуствувам, бидејќи сметам дека ако сакаме да ја постигнеме нашата заедничка цел ќе мора и заедно да работиме“, додаде Хан.