Заев најави владина седица за дислокација на депонијата во Тетово

Се работи на решение за дислокација на депонијата во Тетово. Ова прашање наскоро ќе се најде на владина седница, рече премиерот Зоран Заев на денешната средба со претставниците на невладината организација „Еко Герила“.

Проблемот со комибанот „Југохром“, пак, којшто, исто така, беше една од главните теми на средбата, ќе се решава со писмени гаранции за преземени обврски од засегнатите страни, но како што рече Заев по заокружување на консултациите со сите. Во овој сегмент, истакна дека се земаат предвид и еколошките и егзистенцијалните потреби на граѓаните.

На средбата присуствуваа претседателот на „Еко Герила“ Аријанит Џафери и членовите Мерита Максути и Надњим Мехметии, додека Заев беше придружуван од вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, како и министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку.

Заев, како што информираше неговиот кабинет, истакна дека Владата е сериозно посветена на решавање на двата проблема. Проблемот со депониите ќе се решава на ниво на целата држава, а во врска со Југохром, досега е веќе разговарано со претставници на синдикатот на вработените и со менаџментот, по што Владата од денеска почна консултации и со граѓанскиот еколошки сектор.

„Владата со сериозна посветеност ќе пристапува кон сите важни прашања за граѓаните, меѓу кои е нивното здравје, заштитата на животната средина, како и егзистенцијата на луѓето и развојот на економијата во државата“, рекол Заев на средбата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.