ВМРО-ДПМНЕ предложи три закона: за зголемување на платите во администрацијата, укинување на РДТ и Јавниот обвинител да го предлага опозицијата

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија во средата претладнето до Собранието на Република Македонија поднесоа три закони во процедура, од кои два се во скратена постапка и се очекува да бидат ставени на дневен ред на денешната седница, информираше пратеникот Илија Димовски.

„Едниот закон којшто го предложивме е врз база на изборни ветувања коишто ние сме ги дале во изборните ветувања, додека вториот закон е изборни ветувања коишто СДСМ ги дала на изборите, за да ги потсетуваме дека мора да си ги исполнат ветувањата кон граѓаните и третиот закон е комбинација од ветувања на СДСМ и принципиелни позиции кои што се обидуваме да ги изградиме. Првиот закон е законот за плати на вработените во државна и јавна администрација и подразбира носење на одлука на Собранието за покачување за 5 отсто на вработените и тоа беше изборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ за во јануари 2018 година. Ова е добро да се донесе пред да се усвои буџетот за 2018 година“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

Истакна и дека, за жал, новата влада стопирала некои веќе започнати проекти а и предвидува покачување на некои даноци со што е доказ дека државата има пари за усвојување на законот за покачување на платите во јавната администрација за 5 отсто.

Димовски посочи дека пред две години тогашната пратеничка група на СДСМ во Собранието поднесе закон, Закон за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги но се однеува на укинување на радиодифузната такса.

„Вториот закон што го предлагаме денеска е ветување на СДСМ и ние тука си земавме обврска сите ветувања од страна на СДСД која сега ги заборави или ги стави под тепих и да не ги исполни, ние во најмала рака ќе ги поднесеме во процедура како закони за да ги потсетиме дека имаат потреба да го направат тоа. Пред две години СДСМ поднесе закон за менување на аудио и аудио визуелни медиумски услуги, но се однесува на укинување на радио дифузната такса. Целта ни е да ги потсетиме до нивните ветувања, овој закон ако се изгласа денеска ќе значи укинување на радио дифузната такса. СДСМ ветуваше дека веднаш штом ќе дојдат на власт ќе ја укинат радио дифузната такса, но нив веќе трет месец ги нема со ниту една активност, затоа ние денес ќе ги прашаме што мислат во однос на ова нивно ветување“, потенцираше Димовски.

Третиот закон, како што посочи Димовски, го предложиле Зоран Заев и Фросина Ременска, а тоа е законот за менување на Јавно обвинителство во Република Македонија и со овој закон ВМРО-ДПМНЕ предлага измени за избор на јавен обвинител.

„СДСМ ветуваше дека Јавниот обвинител ќе се одбира по предлог на опозицијата, втората измена која што ќе се обидеме да ја внесеме е јавниот обвинител да се избира со двотртинско мнозинство. Предлагаме предлогот за Јавен обвинител да не го дава Владата, туку најголемата партија која е во опозиција и за да биде некој одбран за Јавен обвинтител мора да има двотретински мнозинство“, образложи Димовски.

Тоа, додаде пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, ќе значи инклузивност, збор којшто често го употребува новата Влада.

 

„Тоа ќе значи подавање рака, збор којшто често го употребува новата Влада, тоа ќе значи заеднички фактор на реформите, зборови коишто често го употребува новата Влада, тоа ќе значи некаков консензус за клучни прашања исто така зборови коишто ги употребува новата Влада“, додаде Димовски изразувајќи надеж дека во СДСМ ќе се придржуваат до она што го зборувале во предизборната кампања.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.