Советниците на Општина Дебрца ќе решаваат за регионалната депонија

Во петокот за иницијативата за референдум „за“ или „против“ изградба регионална депонија на територијата на општината Дебарца, советниците ќе имаат координација за да се договорат и да ја продолжат прекинатата седница за ова прашање.

На територијата на оваа општина планирана е изградба на регионална депонија во близина на селото Годивје. Во вторникот обидот на седница на Советот на општината да се реши ова прашање заврши со расправија и меѓусебните обвинувања на советниците.

Жителите на општина Дебрца еднаш веќе излегоа на протест против предлогот на Министерството за животна средина за изградба на регионална депонија. Велат дека не сакаат фабрика за отпад во најчистата околина и бараат министерството веднаш да изнајде нова локација за депонијата.

Против изградбата на депонијата е и градоначалникот на општината Игoр Трајкоски кој побара советниците итно да распишат референдум.

И екологистите предупредуваат дека во сливно подрачје како охридското не треба да се дозволи изградба на регионална депонија на која ќе се носи смет од повеќе општини затоа што е голем е ризикот од поголемо загадување на регионот.

Од Министерството за животна средина велат дека анализите покажале дека најсоодветна е локацијата Годивје и гарантираат дека со тој проект трајно би се решиле проблемите со дивите депонии во регионот, без да има какви било еколошки штети.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.