311 загинати во земјотресот во Авганистан

Билансот на загинатите во вчерашниот силен земјотрес со интензитет од 7,5 степени според Рихтеровата скала, кој го погоди североисточниот дел на Авганистан, а беше силно почувствуван и во Пакистан, Индија и Таџикистан достигна 311 лица, пренесува МИА.

Локалните власти соопштија денеска дека спасувачките екипи се обидуваат да дојдат до зафрлените области во Пакистан и Авганистан.

Според официјалните податоци 237 лица загинале во Пакистан, а 74 во Авганистан.

Во Пакистан се повредени над 1.800 лица, а во Авганистан 266.

Властите очекуваат дека бројот на жртвите и натаму ќе се зголемува со оглед на тоа дека е потребно време да се стигне до зафрлените области.

Епицентарот на земјотресот е забележан на 250 километри од Кабул, на длабочина од 213,5 километри.