Одложена амандманската расправа за законот за јазиците, пред Собранието поставени шатори

Седницата на собраниската Комисија за европски прашања на која требаше да започне амандманската расправа за Законот за јазиците е одложена поради други „значајни реформски прашања“, a во меѓувреме, здружението Македонски национален совет постави шатори пред Собранието барајќи повлекување на законот за употреба на јазиците.

Седницата беше закажана за утре во 15 часот, но, како што информираа попладнево од Комисијата за европски прашања, за датумот на одржување јавноста дополнително ќе биде информирана.

Комисиската расправа за законот за јазици е одложена и ќе продолжи по донесување на буџетот. Претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби вели дека ја одложил расправата затоа што неделава Собранието треба да се занимава за значајни реформски прашања, па не сака јавноста да се дефокусира со законот за јазици.

„Проценив дека неделава е многу значајна за други реформски прашања и дадов предност на тоа, за да не овозможам дефокусирање на јавноста од тоа што во моментов е најзначајно и итно“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Груби, кој е во Брисел на конференција посветена на интеграцијата на земјите од Западен Балкан кон Европската унија.

Еврокомесарот Јоханес Хан за време на вчерашната посета на Скопје кажа дека Владата и другите фактори во земјата имаат поприоритетни прашања за решавање од законот за јазиците.

„Владата и другите фактори во земјата се фокусираат на законите и условите кои се релевантни за добивање на препорака. Законот за јазик не е дел од она што е договорено во овој контекст“, рече Хан.

Во среда се одбележува Денот на албанската азбука, а во сабота во Собранието е закажана седница, на којашто на дневен ред е изборот на нов Јавен обвинител и законски измени во врска со Судскиот совет и заштита на сведоци, па остануваат слободни само два дена кои се недоволни за комисиска расправа. Од понеделник, пак, Собранието треба да почне со процедурите за донесување на Буџетот за 2018 година.

Членови на здружението Македонски национален совет во вторникот попладне поставија шатори пред Собранието и порачаа дека нема да си одат оттаму се додека не биде повлечен предлог-законот за употреба на јазиците. Тие освен ваквиот начин на кој го изразуваат својот протест, најавуваат дека и по институционален пат, со поднесок до Уставниот суд ќе бараат повлекување на предложеното решение.